Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 јануари 2013
Производството на свежо свинско месо во државава е намалено за цели 50 отсто. За сметка на тоа, драстично е зголемен увозот. За првите девет месеци лани во земјава влегле еден милион килограми свежо и разладено месо за кое се потрошени околу 4 милиони евра. Вредноста, пак, на увезеното замрзнато месо за истиот период е речиси 20 милиони евра. Освен кај месото, зголемување на увозот има и кај јајцата, а недостигот на пазарот резултираше лани со драстично зголемување на цената. Во Групацијата за месо, која работи во рамките на Стопанската комора на Македонија, велат дека главна причина за проблемите на пазарот со месо и јајца треба да се бара во лошата финансиска состојба во која се наоѓа велешки „Жито Вардар“.
Во 2012 година во Македонија се одгледувале 150 илјади гоеници свињи, од кои велешката фирма имала околу 60 илјади, „Агрија“ исто од Велес одгледувала 35 илјади гоеници, „Единство“ од Челопек- 25 илјади, а другите биле на помали свињарски фарми. Податоците говорат дека велешката фирма обезбедува дури 40 отсто од потребите од свинско месо на Македонија. Годинава производството е преполовено и поради проблемите со кои се судрува „Жито Вардар“. Одговор за проблемите на една од најголемите аграрни фирми побаравме и од директорот Ристо Ташев, но тој не сакаше да ги коментира случувањата. Од Групацијата велат дека пред празниците осетно се намалило снабдувањето со свежо свинско месо и затоа увозот бил единствено решение.
Во снабденоста со свежо свинско месо последните три месеци од минатата година се почувствува недостаток, па мораше да се увезува. Проблемот кој го мачи најголемиот македонски производител на свежо свинско месо „Жи-Ва“ резултираше со намалување на производството на годишно ниво, а тоа пак влијаеше на пазарот во земјава. Причините се познати, сушата и ценовните удари врз висината на добиточната храна. Три години наназад ваквата состојба е присутна и на светско ниво, па тие освен кај „Жи-Ва“, со загуби и лошо работење, влијаеја и на помалите фарми.
И покрај субвенциите на Владата за производството на свежо свинско месо, малите произведувачи не успеваа да ги надминат проблемите со кои се судруваат. Затворањето на овие мали фарми долгорочно и штетно влијае на бизнисот со свињарството во Македонија. Сега споредбено, ако до таква ситуација дојде и „Жи-Ва“, тогаш учеството на домашните фарми со 90 отсто на пазарот, ќе се намали на 50 отсто. Другото ќе мора да се увезува - изјави Веле Ристовски, претседател на Групацијата на свежо свинско месо при Стопанската комора на Македонија.
Фармерите и агробизнисмените предупредуваат дека мора да се преземат итни мерки за да се спречи евентуалното пропаѓање на велешкиот комбинат.
- Ако еднаш се прошири увозот на свежо свинско месо во државава, тешко дека потоа ќе може да се спречи. До пред две години покриеноста на пазарот со свежо месо од домашно производство беше над 80 отсто, а сега е драстично опаднато - велат трговците.
Групацијата „Жито Вардар“ е најголемиот производител и на консумни јајца во Македонија, со 25 отсто учество во вкупното производство. Најголемиот репроцентар во земјава се наоѓа во Kрива Паланка на локациите во селата Гиновци и Псача. Тој е во сопственост на велешкото друштво и доколку дојде до затворање, тоа ќе биде тежок удар за македонскиот пазар.
Илустративно, ако „Жи-Ва“ произведувала 200 илјади јајца во 2011, лани произвела половина од тоа, односно само 100 илјади, што резултираше со цената на едно јајце да стигне до девет денари, што не се памети во Македонија. Згора на тоа „Жи-Ва“ со 80 отсто го покрива пазарот на јајца во соседно Kосово, во Албанија со 25 отсто, а има извоз и на пазарите во Србија.
Tweet |