Петар Печков
Објавено: среда, 23 мај 2012
Овие двајца светители се посебно важни за словенските народи. Родени се во Солун, во деветтиот век, во видно византиско семејство. Свети Кирил, кој пред да стане монах се викаше Константин ги помина сите степени на тогашната наука. Брат му, пак, беше повеќе години управник на една област во струмичко. Двајцата имаа неколку мисии, што се опишани во Панонски легенди, двајцата беа монаси и двајцата се упокоија надвор од своето родно место, имајќи го целиот свет за свој дом, за мисионерско поле. За Словените се важни не само затоа што им ја дадоа азбуката, туку и затоа што ги доведоа пред вратите на вистинската просвета, т.е. пред Христа (во црковнот речник крштението најчесто се нарекува просветување).
Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826 година.
За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ниту неговото крстено име, а името Методиј е добиено во монаштво. Се знае дека завршил највисоки школи во Константинопол дека во младоста ја избрал воената служба и десетина години бил управител на Словенско кнежевство во Македонија што било под власта на византискиот император и дека таму го напишал делото „Закон судниј људем“ („Закон за судење на луѓето“).
Но ја напуштил оваа служба и заминал во манастирот на планината Олимп каде што се закалуѓерил. Подоцна во овој манастир дошол и неговиот помал брат Константин, со кого заедно учествувале во две значајни мисии: Хазарската и Моравската.
Константин пак уште како дете го учел напамет познатиот христијански беседник Григориј Богослов, се истакнувал во учењето поради што бил забележан од царските советници, кои му овозможиле да се школува во познатата Магнаурска школа во Цариград која што имала ранг на денешен универзитет. Тука се афирмирал како извонреден мислител, богослов и апологет на христијанството. Во житијата се вели дека граматиката ја изучил за три месеци, дека го учел Хомер , Илијада и Одисеја, дека кај Лава и Фотија ги учел дијалектиката, сите филозофски науки, потоа реториката, артиметиката, астрономијата, книжевноста, сите елински уметности итн.
По завршувањето на школата работел како библиотекар во познатата Патријаршиска библиотека во Цариград, од каде што заминал во еден манастир на Босфор. По престојот во манастирот бил поканет за професор на Магнаурската школа каде што станал познат професор по филозофија, поради што го добил прекарот филозоф.
Бидејќи се истакнал со познавање на црковните но и на световните прашања на 24 годишна возраст од страна на византискиот двор бил испратен во Арапската мисија кај Сарацените, која што имала државно - политички и религиозен карактер. Со Сарацените водел полемики по повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите.
Во 858-859 година Кирил, Методиј и повеќе други пратеници од Византија престојувале во Мисија кај Хазарите каде што требало да решат повеќе важни политички и верски прашања. Овде ги нашле и моштите на папата Климент Први, кој уживал голема почит кај Римјаните, а Кирил напишал и пофално слово за Климент, и химна за него. По успешното завршување на оваа мисија, Методиј повторно заминал во својот манастир на Олимп, а Кирил во некој манастир во Цариград. за време на овој престој во Цариград тој се прославил со дешифрирањето на еден запис од чашата на еврејскиот цар Соломон која се чувала во црквата „Света Софија“ во Цариград.
Сепак за двајцата браќа најважна е Моравската мисија која што е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено побарал да му испратат луѓе кои Божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим.
Но и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. А тие мисионери биле Кирил и Методиј. Но тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината.
Во Моравија Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Поради ваквите пречки во работата двајцата браќа тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На пат за Рим минале низ Панонија каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик.
Потоа стигнале во Венеција каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“ - им рекол Кирил и додал дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и други народи словото Божјо го проповедаат на свој јазик и дека е незамисливо дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците.
Во Рим браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе што со себе ги носеле моштите на папата Климент Први, коишто св. Кирил ги нашол за време на Хазарската мисија. Во Рим во тоа време сеуште бил жив култот кон папата свети Климент Први кој маченички го завршил животот поради што враќањето на неговите мошти во светиот град претставувало голем настан, а браќата биле почестени со големо внимание.
Папата тргнувајќи од некои интереси на папската столица дозволил во неколку цркви во Рим да се изврши богослужба на словенски јазик со што го признал овој јазик за службен во црквата. Тој ги зел во заштита словенските книги, Методиј го произвел во свештеник, Константин во повисок калуѓерски ред ,со што го добил името Кирил, повеќе ученици добиле свештенички звања, а Климент и Наум станале презвитери.
По големите напори Кирил починал во Рим на 27февруари 869 година на голема жалост на брат му Методиј и неговите ученици. Тука бил и погребан, така што и денес неговите мошти почиваат во Рим во црквата Свети Климент.
Оттука св. Методиј со своите ученици се вратил во Моравија одел и во Панонија кај кнезот Коцел, но непријатностите не престанале. Две и пол години минал во затвор, а по ослободувањето на директна интервенција на папата морал постојано да оди во Рим и Цариград да се правда од клеветите и да реферира за постигнатите резултати. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца свои ученици - брзописци и за шест месеци ја превел целата Библија на словенски јазик.
Починал на 19 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград.
По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. Германските свештеници со нив жестоко се пресметале. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани преку Дунав, на југ. Меѓу овие биле и светите Климент и Наум кои делото на своите учители со голема страст и знаење го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.
Празникот на Христовото вознесение- Спасовден се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус Христос им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност.
Во овој период, 40 дена по Велигден, луѓето се уште се поздравуваат со "Христос воскресе" и си отпоздравуваат со "Навистина воскресе".
Во Новиот завет од Светото Писмо поточно во Светото евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово. Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите.
Во спомен на Христовото вознесение на небото Светата Христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Спасовден зошто се празнува денот на Спасителот на Светот- Исус Христос.
Tweet |