Петар Печков
Објавено: четврток, 19 ноември 2020
Во тек е асфалтирање на регионалниот пат Богомила - Стровија, што е втората завршна фаза од поврзувањето на Азот со Пелагонија и изведба на патот Гостиражни -Богомила.
Откако според Јавното претпријатие за државни патишта поради технички проблеми од страна на ЈП Македонија пат, работите беа сопрени, пред една седмица се продолжи со градежните активности. Се асфалтира делницата која е во должина од 5.4км и широчина на коловозната лента од 4 м.
Во тек е асфалтирање на патот со цел конечно, историско поврзување на општина Чашка со општина Долнени. Локалната самоуправа и понатаму ќе продолжи со градежни активности со цел подобрување на патната инфраструктура и условите за живеење на месното население - кажа градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски.
Инвестицијата е вредна 40 милиони денари, изведувач на работите е ЈП Македонија Пат подружница Велес. Доколку временските услови дозволат, работите ќе завршат за еден месец. Минатата година се асфалтираше патот во прилепскиот дел, од Гостиражни до Стровија, во должина од 6,5 км.
По завршувањето на делницата во Азот, овој дел од Македонија ќе биде поврзан со асфалтиран пат до Пелагонија. Жителите на Богомила и регионот, доколку сакаат со автомобил да патуваат за Прилеп, Битола мораа да возат преку Велес и Плетвар.
Tweet |