Петар Печков
Објавено: сабота, 22 мај 2010
Со неделната победа од 32 :31, над екипа а на Ринија во Скопје, две кола пред крајот, ракометарите на Борец повторно се членови на Супер лигата. Седум бодови е предноста над конкурентот екипата на Куманово, кои се недостижни за велешани да ги симнат од врвот, па така шампионот на Македонија од `95-та и освојувачот од `94-та се враќа во старото друштво. На овој начин градот со убав резултат ќе го одбележи скорешниот јубилеј, 60 години од ракометот во Велес, но се враќаат и старите грижи, да се најдат пари за непречено играње.
Морам да им честитам на ракометарите кои така супериорно го освоија првото место. Имаме млада, перспективна и одлична екипа, која цела сезона ја одигра без проблем, со само еден нерешен натпревар. Што е до нас ние го сторивме посакуваното, за останатото, најглавното финансирањето, грижата ја препуштаме на градот и спонзорите – вели Тони Шопов, кој годинава седеше на тренерската клупа и во неговата прва сезона на новата функција, имаше одлично деби.
Но тој ја отвори старата рана, парите. Пред две сезони со истата екипа на Борец беше член на Супер лигата, тогаш влезе со спојување со Младост од Богданци, кои поради финансиски проблеми се откажа од лигата. Велешани играа само едно лето, бидејќи младата и неискусна велешка екипа немаше можност рамноправно да се носи, со далеку помоќните екипи. Иако се уште не влезени во елитата, спортската јавност стравува дали Борец ќе биде на кратко во супер лигата.
Имаме еден спонзор, но доколку сакаме да бидеме стабилен член на најквалитетното машко ракометно друштво, ќе мора да најдеме уште еден финансиер за Борец да не биде топовски месо, за поправање на гол разликата и со однапред вкалкулирани победи против нас. Ќе работиме на ова а дали ќе успееме е неизвесно – вели Панче Николов директор на клубот и некогашен ракометар во Борец.
Сите 20-тина ракометари се на возраст до 20-тина години и се во клубот од мали нозе, сите потекнуваат од неговиот подмладок. Илиев, Трчков, Лазаревски, Андреев, Крстевски се креаторите на големиот успех. Нивна голема љубов е ракометот, но сепак покрај желбата да играат за Борец, треба и адекватно да бидат наградени.
Во клубот има одлична атмосфера, заедно сме неколку години. Немаме ниту едно засилување, но потребно е да има и сериозен спонзор ако сакаме да бидеме некој во Супер лигата. Ако градот се гордее со овој најтрофеен спорт во Велес, тогаш треба и фирмите да најдат интерес и вложат во ракометот – вели Душко Крстевски голман на екипата.
Велешани во желба да го прослават првото место во Првата лига, нудат последната средба со Овче Поле, наместо во Свети Николе да се игра во салата ,,Гемиџии,, со што би се прославил големиот успех пласман во Супер лигата.
Tweet |