Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 ноември 2011
Се враќа надежта дека велешкото кино 11 Октомври може да проработи. Ова откако скопска Апелација одлучила дека салата, каде се прожектираа филмови, е сопственост на општина Велес. Така судскиот спор, кој се водеше од есента 2006-та, по пет години талкање низ судските ходници, заврши. Од општина Велес потврдија дека Апелација го решила спорот во нивна корист и тие сакаат киното да проработи.
Чекаме киното да бдие впишано во имотен лист на име на општианта, по што ќе одлучиме за неговата натамошна судбина. Најверојатно ќе одиме со оглас, каде ќе бараме заинтересирана странка која ќе сака да работи со киното, но со јасна препорака, дека ќе прикажува филмови а не да ја користи салата за нешто друго, да направи казино или диско – вели Горан Петров градоначалник на Велес.
Извесно е дека инвентарот во салата, апартурата, столчињата не се сопственост на општината а и постојните камери биле со застарена технологија, па не можеле да се употребуваат за прожектирање. Затоа е потребно нејзино внатрешно преуредување и опремување, инвестиција и средства кои локалната власт ги нема, па затоа ќе се оди со давање на концесија.
Салата е заклучена а само искинатите плакати од филмовите на вратите и светлечката фирма сведочат дека тука е кино салата, за која дел од помладата популација и не знае што е. Велешани со одобрување ја добија оваа информација, посебно помладата генерација.
Редно беше и ние кино да добиеме. Колку филмови се снимија овие години во Македонија а велешани ништо не видоа бидејќи немавме кино сала. Некои од нас патуваа и до Скопје, обично преку викенд за да ги погледаме светските хит филмови. Доста ни беше пиратски ДВД и акварел на екранот од кој малку што се препознаваше – велат велешани.
Постарите се потсетуваат дека секој понеделник и четврток, кога се менувале филмовите во тогаш двете кина 11 Октомври и Вардар имало голема навалица, а за хит филмовите имало редици и препродавачи. Секое време носело свои фаворити, индиски, италијански шпагети филмови, партизански,југословенски комедии. Не веруваат дека тоа време повторно ќе се врати, но најзначајно е што киното би проработило. Најмладите, основците, пак и не знаат што е кино, па рестартот на оваа културна институција ќе значи ново, и за нив невидено ,,чудо,,.
Ако велешани првите кино проекции , на почетокот од минатиот век филмови гледале во АДА Кафези и киното на Ѕиката, редно беше оваа уметност да се врати во градот, кој има силни културни традиции. Штета што е испуштен период од пет години не работа, кога поради судскиот спор киното не работеше. Така се изгубени толку генерации, пред се помлада публика, кои не ја знаат уметноста на подвижните слики. На градот му е потребно кино, тоа е неспорно. Се надеам дека ќе се најде некој што ќе има сметка да вложи и го обнови објектот. Сепак тоа е инвестиција, која тешко се враќа. Од културата нема профит – вели Никифор Смилевски пензиониран новинар и хроничар на велешкиот живот.
Велешкото кино 11 Октомври престана да работи во 2006-тата откако тогаш локалната власт добила документ од катастарот, дека таа е сопственик на салата, па започна судски спор со цел да го врати во владение. Право на сопственост на објектот полагаше и велешкиот синдикат, а судски процес, кој траеше пет години заврши со пресуда во корист на локалната власт. Тие најавија дека оваа одлука на Апелација ќе ја достави на ревизија, бидејќи не се согласува со пресудата.
Tweet |