речник контакт

Се гледа ли Солун од Солунска глава

Ова прашање го поставуваат многумина а одговорот го дава науката. Професор Ивица Милевски од Институтот за географија вели НЕ

Петар Печков

Преданието зборува дека    највисокиот врв во Централна Македонија, Солунска глава  со 2540 м. името го добил затоа што од него некој  во некоја пригода го видел градот Солун. Приказната е стара стотина години, таа се раскажува, преданието се шири, но дали тоа е вистина. Многумина се прашуваат дали е точно, други  се обиделе од врвот да ги видат во ведрите ноќи   светилките на Солунското пристаниште.  Така  легендата за името ја раскажува постар планинар, кој ја слушнал и раскажал илјадници пати, иако самиот тој знае дека тоа не е вистина.

Во 1915 година група војници и еден офицер од тогашна Југославија биле на логорување во реонот околу врвот. Биле на пат преку Скопје за Солунскиот фронт. Војската нетрпелива да стигне, изморена од долгиот пат, барала каде  е Солун.  Една тивка вечер офицерот покажал кон треперливите светулки во далечината низ Повардарието, гледајќи некаков блескав отсјај и  велејќи им на војниците дека тоа е Солун – вели Никола Димовски.

Тоа е преданието, што постојано се  прераскажува а нема сведок, што ќе потврди дека во видел Солун од Солунска глава.  Одговорот сепак го дава науката, дали  е можно од  далечина од околу 200 км. Да се види Солун од висина од 2,5 км.

Разни истражувања и сознанија низ Светот, покажуваат дека при солидни временски услови и добра положба и височина, човечкото око може да види подрачја оддалечени 200 до 300 км, а најмногу до околу 500 км . Растојанието помеѓу Солунска Глава и Солун е само 180 км, што значи тоа не би било проблем. Меѓутоа, временските услови околу врвот во текот на годината не се многу поволни, а и да има „поволни денови“ тешко со сигурност би потврдиле до каде е видикот – вели проф. Д-р Ивица Милевски од Институтот  за географија при Природно Математичкиот Факултет од Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.

Тој извршил истражување,  за да се провери митот се гледа ли Солун од Солунска Глава. Користејќи  90 метарски (SRTM) и 30 метарски (ASTER) дигитален модел на релјефот и  поставувајќи  серија на дигитални топографски профили помеѓу двете места, како и серија на анализи на топографска видливост дошол до конечни сознанија. Во постапката ја  земал во предвид и закривеноста на Земјината површина.

Резултатите покажаа дека во никој случај не е возможно од врвот Солунска Глава, но и од било кој дел на Јакупица да се види градот Солун, ниту околниот рамничарски или морски простор во Солунскиот Залив. Главна пречка за тоа се високите делови на планината Кожуф кои се испречени широко на линија на видикот, погледот. За ведро и убаво време, најблиску што би можело да се види до Солун од врвот Солунска Глава се ниските планини 35 км на североисток од градот. Затоа пак  делови од Солун и Солунскиот Залив од наша територија, на Република Македонија би можеле убаво да се видат од високите била на Ниџе, Беласица, па дури и Плачковица, 140 км на север – вели д-р Милевски. 

Во пракса  највисокиот врв на Кожуф, Зеленбег со 2176 метри се покажало дека е непремостлива пречка од Солунска глава да се види Солун. Но затоа такво задоволство е можно од  Југо -Источниот дел на Македонија   Така проф. Д-р. Милевски  ја разрешува конечно вековната дилема, се гледа ли Солун од Солунска глава. Планинарите  и жителите на Азот пак се надеваат дека ова истражување и новина, нема да придонесе да се менува името на врвот.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »