Петар Печков
Објавено: петок, 31 март 2023
Покривањето на Градскиот пазар тешко оди. Покривањето на горниот дел од пазарот заврши, но со пробивање на рокот а состојбата со изведбата на долниот дел од пазариштето исто така одамна ги проби роковите.
Од локалната власт велат дека изведбата на објектот се изведува во целост согласно Основниот проект, но се доцни со изведбата. Таа касни поради динамиката на изведување на работите од страна на избраниот економски оператор БВ Инженеринг Битола.
Рокот за изградба на долниот дел од покриениот Градски пазар во Велес беше со првиот анекс до 15 септември 2022 година. Поради незавршени обврски по договорот, направен е дополнителен анекс со што рокот за завршување беше продолжен до 31 јануари 2023 година. Но ниту тој се почитува.
„Општина Велес се обрати до изведувачот во врска со Договорот за јавна набавка на работи за изградба на Градски пазар Фаза 1 , Анекс договор бр.1 и Анекс договор бр.2 и го извести БВ Инженеринг Битола дека ќе пристапи кон активирање на договорна казна сметано од 31.01.2023 година. Утврдената оштета за целосната работа е 0,10% по ден. Максималниот износ на утврдени оштети е 10% од финалната цена на договорот. Имајќи во предвид дека износот на договорот е 50.248.059 максималниот износ на казна може да изнесува 5.035.806 денари“ - информираа од локалната власт.
Изведувач на работите е фирмата „БВ Инженеринг“од Битола, а изградбата почна на 17 септември 2021 година, рокот на изведба беше најавен за една година, односно септември 2022 година.
Конечниот износ на договорна казна ќе биде познат најдоцна до завршетокот на работите а ќе биде пресметана за секој ден задоцнување сметано од 1.02.2023 година, но немало да премине 10% од финалната цена на договорот.
Се доцнеше си со покривањето на горниот дел од Градскиот пазар. За ова била наплатена договорна казна на економскиот оператор Бауер БГ во износ од 5% од вредноста на договорот или износ од 1.734.834,31 денари.
Градежната парцела каде се гради покриениот пазар опфаќа површина од 4.172 квадратни метри, од нив 3,4 илјади квадратни метри се наменета за продажба на производи.
На Пазарот ќе има 19 дуќани, деловни објекти, канцеларии и два угостителски објекти на вкупно 638 метри квадратни, а во два дела од објектот ќе бидат сместени тезгите од покриениот пазар, паркинг просторот.
Покриениот градски пазар е најголема инвестиција на Општина Велес во последните 30 години. Објектот е од челично скелетна конструкција, покриена со енергетски ефикасни панели, на армирано бетонски темели.
Вкупната вредност на објектот е 86 милиони денари, 40 милиони се од Владата. За останатите 46 милиони денари Советот ги заборчи граѓаните кај кредит од Светска банка, со рок на враќање од 13 години и три години грејс период.
Tweet |