Петар Печков
Објавено: вторник, 30 ноември 2021
Една од фреските, која беше откриена изминатите години во манастирската црква Св. Димитрија крај Велес е исчистена и реставрирана. Таа во целиот свој раскош прикажува дел од Страшниот суд. Истата е во нартексот на црквата, на северниот ѕид . Еден помал дел од неа веќе е сочуван и конзервиран, додека на останатото работат стручните лица од Националниот конзерваторски центар.
„Работиме на механичко чистење на нечистотии, изработка на ретуш и китирање, на фреските од 14 век. Тие се откриени пред некоја година, под живописот од 19-ти век, кој го раслоивме. Следи фаза на микроскопско гледање на сите тие елементи и реконструкции. Работата е спора, бара внимание и концентрација“ - кажа Владо Муковски, конзерватор на ѕидно сликарство при НКЦ.
Непознат автор на ѕидот од црквата го нацртал Страшниот суд, прекрасна илустрација на верското учење кој е многу вредна и фасцинантна. Муковски вели дека оваа прекрасна композиција потребно е да се претстави на јавноста дека е вредна и значајна, а црквата да биде популаризирана и посетна.
Откриен е и ктиторот на црквата, кој во левата рака ја држи нејзината макета. Тој е во раскошна одежда, каде има двоглав орел, симбол користен во Византија а подоцна прифатен од други народи и држави. Може да се забележи дека се сочувани фреските на северниот и источниот ѕид од припратата, додека тие на јужниот и западниот ѕид се уништени.
„Како и во повеќето цркви од пост византискиот период е претставен Страшниот суд. На источниот ѕид е претставен Христос како судија, во второто негово доаѓање. Тој ги повикува сите мртви од земјата и морињата да излезат пред судијата. Во горната зона, Христос како судија, седнат со десната рака ги повикува одбраните и покажува да одат во рајот, додека грешните одбива од себе. Во долниот дел се архангелите“ - вели Елица Николова историчар на уметност од Народен музеј Велес.
Јавност е во очекување, кога досегашната пет годишна работа ќе може да се види јасно и исчистена од временските наслаги. Актуелните временските услови не дозволуваат други активности а токму оваа екипа е испратена години наназад да работи во ноември, кога ладното време не дозволува употреба на вода, поради можноста да настанат оштетувања.
Tweet |