Петар Печков
Објавено: среда, 01 октомври 2014
Се обновуваат спомен куќите во историското Горно Врановци, каде се наоѓа комплексот на Меморијалниот музеј. Во пресрет на празникот 11-ти Октомври се вршат неопходните поправи на одделени делови од четирите спомен куќи, кои времето и годините ги оштетиле. Музеите на Президумот на АСНОМ, на ЦК на КПМ, на Главниот штаб на НОБ и Печатницата Гоце Делчев се санираат, со средства добиени од Министерството за култура а по проект на Народниот музеј од Велес.
Пристапивме кон санација на оштетените делови од четирите спомен куќите а по недостатоци кои ги констатиравме пролетва. Разбирливо што по десет години се врши обнова на оштетените делови од куќите, оти временските услови направиле одредени проблеми – вели Марин Клифов раководител на Меморијалниот музејски комплекс во село Горно Врановци.
Ѕидарско -молерските работи треба да завршат до 10-ти октомври. Во овој период се врши замена на искршени прозорски стакла, санација на влезните порти, оградните ѕидови околу куќите, фарбање на дограмата- прозорите и вратите, како и заштита на дрвената маса по фасадите и внатре во куќите.
Се работи на четирите куќи музеи кои се сопственост на Народниот музеј од Велес, додека спомен куќата на ОЗНА која е во сопственост на МВР не е опфатена со оваа санација.
Од средината на септември до крајот на ноември 1944 во Горно Врановци, каде била слободна територија, престојувало највисокото раководно тело, работела Владата – Президумиот на тогаш веќе оформената држава Демократска Федерална Македонија и тука биле донесени повеќе законски акти.
Tweet |