Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 август 2022
Фудбалскиот клуб „Горски“ од Велес, одбележа 100 години постоење. Клубот кој е гордост за жителите на Читкушева чешма и месноста Црна Џамија, одбележа еден век постоење. Во саботата се одигра ревијален натпревар на ветераните а неделата вечер беше отворена изложба на фотографии и предмети од историјата на клубот. Организатор на настаните беше Тони Тонев, ентузијаст и поранешен член на ФК Горски.
„Како Културно уметничко спортско друштво во 1919 во Велс е формиран Горски. Имал мандолински оркестар, музички состав за во 1922 да започне да се натпреварува и ФК Горски. Фотографиите се дел од Јоле Ристоски и дел на Народен музеј Велес. Годинава со стартот на Општинската лига, ФК Горски продолжува да се натпреварува. Горски е смислата на животот за тој дел на градот “ - кажа Тонев.
Ако ФК Борец е љубовта на велешани, тогаш ФК Горски е срцето на старите сограѓани од делот околу Потокот, Црна Џамија и Читкушева чешма. Неговите симпатизери се гордеат со овој клуб, кој за велешани е знаменитост, исто како што се Градскиот Саат, Железниот мост, Мало мовче.
Јоле Ристовски настапувал една деценија 1975 до 1985 за ФК Горски.
„Игравме во општинска лига, која тогаш броеше дури 18 екипи. Игравме на Градски, во Башино село, во Чашка и секако легендарното игралиште кај Топилница. Сите што тогаш игравме, а сега учествуваат на овој ревијален натпревар, игравме без надомест. Важно беше да се игра, натпреварува и, спортува и да се дружиме. Се играше од мерак од ќеиф“- кажа Јоле.
Тој активно фудбал играл се до 42 годни, последен клуб му бил ФК Чеплес со кого настапувал во регион.
Во 1979 година, ФК Горски можел за прв пат да мине во повисок ранг на натпреварување. Во Прилеп играле со ФК Габер од кого изгубиле. А Ристовски се здобил со тешка повреда- скршена нога, но по лекувањето се вратил на фудбалот.
Ангел Темелковски бил голман на екипата во средината на 70-тите години.
„На голот бев 14 години. Игравме и квалификации но не успеавме. Главен ривал ни беше ФК Металург, ФК Железничар и најголемиот ривал -комшиите од Рамина ФК „Шефки Сали“. Тоа беа големо ривалство а по натпреварот на задоволство на сите фудбалери ќе седневме во клупските простории на по едно пиво“ - вели Ангел кој денес има 70 години.
Томислав Андонов е еден од ветераните на ФК Горски.
„Направиме игралиште на Рамина, тое е наше дело. Трениравме на Св. Илија, Дервенскиот Поток. Победуваме на снага. Имавме многу кондиција. Како и да немаш, кога трчавме по ридот. Клупските простории беа кај Влашката црква. Интересно е што сите утакмици кои ги игравме со ФК Железничар беа на дожд. Тие ќе поведат ние па ќе им дадеме по 3-4 гола и победувавме “ - објаснува Томе.
Главен градски ривал им бил Шефки Сали, клуб на Ромите од Велес, тоа било дерби за кое се живеело и потоа натпреварот долго се прераскажувал по чаршијата. За превоз на натпреварите по околните села, во општинската лига, како превоз се користел камион „дајц“ на клупски пријател.
„Пред на нас да не` носи на натпревар, камионот превезувал песок. И на таква песоклива приколка, ние се качуваме , сосе опрема и правец Чашка, Извор, Богомила“ - вели еден од поранешните фудбалери.
Драгомир Жежевски и Ангел Петрушев се сеќаваат по раскажувањата на основачот на ФК Горски,за почетоците на клубот.
„Како дете ги слушав Божо Амбарко, Лазо Цицар и Кочо Црнов, тие ми беа комшии, за клубот. Димко Нечев -Дервенот го основал клубот“ - вели Жежевски.
„Горски било спортско друштво, го формирал Димко Нечев. Тој ми беше комшија и го помнам кога раскажуваше. Имало и музички групи и фудбал. Димко Нечев бил бербер, имал дуќан каде е сега Скопски Инпрес, кај пазариште. Тој свиреше мандолина и играл фудбал на времето, на почетоците“ - додава Петрушев.
Tweet |