Петар Печков
Објавено: среда, 29 јули 2015
Етномузејот во село Бистрица годинава се реновира и збогатува а за посетителите е отворена и сувенирница.
Музејот работи од јули 2007-ма и е сместен во објект на старото селско училиште во Бистрица. Со него раководи Здружението на граѓани „Разбој“ од Велес. Постановката првично имаше стотина предмети, а сега е збогатена со над 500.
Тука може да се види стар разбој, кацела, резбани сандак за невестинска рува, многу ретки предмети, како еден ибрик постар од 130 години. Во етномузејот има и стомни кои се вообичаени за овој крај но и многу стари и ретки. Синија, многу бочви, качиња, пиростија, црепки и ѓумчиња, утија (пегла на жар) и еден редок шајкач од чиста волна кој го носеле овчарите, објасни Гоце Станчев, претседател на здружението „Разбој“.
Целта на етномузејот, вели тој, е да се зачуваат корените на културното наследство од овој крај. Тој информира дека во план е уредување на неколку соби во кои ќе има грнчарска и ткајачка работилница.
Воедно, уште четири или пет камени куќи од стара македонска архитектура во село Бистрица, во план е се уредат за туристите, што ќе придонесе за развој на руралниот туризам.
Селото и неговата околина на 650 метри надморска височина изобилува со прекрасна природа, стари рурални куќи со стара македонска архитектура и бројни споменици на културата, додаде Станчев.
Tweet |