речник контакт

Се рехабилитира стариот пат Велес - Градско

Планираниот рок да се заврши рехабилитацијата е јуни 2023 година

Петар Печков

Динамиката на работа на реконструкција на регионалниот пат Велес- Градско е со предвиденото темпо и план за работа .Ова беше кажано на денешниот увид на градежните работи кои го извршија  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Рехабилитација на регионалниот пат Р1102, делница Велес – Градско започна во ноември лани.

„Иако се минусни температури, изведувачот работи со предвидената динамика за овој период од годината, се работи на расчистување на трасата, на тампонирање на одредени делници и на гребење на постоечкиот асфалт. Создадени се сите услови за времен режим на сообраќај со што сите граѓани од околните населени места можат да го користат овој пат согласно поставената сигнализација. Нашите заложби за развој на централниот регион од државата ги потврдуваме и со изградба на експресниот од Градско кон Прилеп, а вложуваме и во реконструкција на локалните улици и патишта, со што даваме значаен придонес за подобрување на условите за граѓаните“, изјави Бочварски.

Регионалниот пат Велес – Градско (стариот пат Велес – Градско) комплетно се рехабилитира во должина од 20 километри. Инвестицијата е во висина од 5,6 милиони евра, средства обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта,

Изведувач на градежните работи на оваа патна инфраструктура е Хидрострој АД (Бугарија), заедно со Ескаватори-МК ДООЕЛ, а надзорот е доверен на Евро Консалтинг ДОО. Овој регионален пат е со променлива ширина, којашто се движи од  5,5 метри до 7,0 метри.

Заради безбедно изведување на работите по добиената дозвола од МВР за воведување на времен режим на сообраќај на регионалниот пат, работите почнаа да се изведуваат, при што реконструкцијата е поделена во седум секции. Секоја секција се наоѓа меѓу две населени места, сѐ со цел да не биде отсечено ниту едно населено место.

Планираниот рок да се заврши рехабилитацијата е јуни 2023 година.

Претходно министерот Бочварски  во  општина Градско со градоначалникот Киро Нацков потпиша  договор за реконструкција на два локални патишта со вкупна инвестициона вредност од околу 200 илјади евра. Тоа се  ул. Јане Сандански и локален пат во село  Виничани

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »