Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 јануари 2021
На истекот на третиот ден од Новата 2021-ва година се роди првото бебе во Велес. И тоа во домашни услови, во неделата вечер во 21,30ч.
Првото бебе годинава е девојче, тежина 2,98 кг, должина 51 см. родено е дома,. Тоа е прва рожба на 23 годишната Симона Панова и таткото Љупчо Митров. Родителите се уште немаа име за новороденчето. Мајката и бебето се во добра здравствена состојба - кажа д-р Елеонора Јованова, портпарол на Општа Болница Велес. Велешани чекаа три дена за да се роди првото бебе годинава а последниот ден на минатата, на акушерско одделение биле родени три бебиња.
Мајката и бебето биле донесени од екипа на итната медицинска помош.
Добивме телефонски повик за мајка која се породила во домашни услови, на улица Максим Горки. Лекарска екипа предводена од д-р Марјан Мишев беа во домот на мајката, дадена е потребната и неопходна лекарска нега и е префрлена на акушерското одделение од Болница - рече д-р Васе Пановска, портпарол на Здравствен дом Велес.
За првото бебе родено во новата година, вообичаено градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ќе подари чек во вредност од 12 илјади денари.
Во минатата 2020-та година на акушерското одделение од велешка Болница се родиле 412 бебиња, од нив 202 машки а 210 женски. Ова е за 61 бебе помалку во однос на 2019-тата кога се родени 473 новороденчиња, во 2018-та имало 505, во 2017-та во велешката болница се родиле 649 бебиња а во 2016-та 651 бебе. На ова одделение се породуваат родилки освен од Велес и од Чашка, Градско и Лозово но и од Кавадарци, Неготино, Свети Николе. Последен пат првото бебе во велешка болница родено на првиот ден од новата година беше на 2017-та година.
Tweet |