речник контакт

Седум години затвор за Србинот кој пренесуваше 10 кг хероин

За ќар од 1,5 илјади евра, пренесувал дрога вредна еден милион евра, заглави седум години во зтвор

Петар Печков

Ивица Михајловиќ ( 33 год) од Параќин Србија доби  седум  години затвор за шверц на дрога. Тој на 27 ноември  минатата година, во 18 часот беше фатен на граничниот премин Богородица, при влезот во Македонија во обид да пренесе 9,6 кг хероин, спакувани во 20 најлонски пакувања.  Доколку  хероинот завршеше на пазарот, неговата вредност се проценуваше на околу еден милион евра.

Дрогата беше најдена во специјален бункер под совозачкото седиште. При обидот за шверц, во автомобилот  марка мерцедес А 140, биле неговото семејство, сопругата, три годишната ќерка и неговиот татко. Обвинителството сметаше дека Михајловиќ со умисла го сторил делото, со цел да заработи оти бил во тешка материјална состојба. Додека тој се бранеше дека  наивно наседнал и е жртва на организирана група.

Работев тешка физичка работа цел живот, во долгови до гуша кога минатото лето транспортирав расипан автомобил на лице кое не го помнам а колата беше  од Швајцарија или Германија. Низ муабет му ја кажав мојата ситуација, тој ми зема телефон и ми рече дека може некогаш ќе ми помогне. Во ноември, на лош српски јазик некој ми се јави и ми понуди за 1.5 илјада евра да отидам до Истанбул Турција, од каде треба да пренесам резервни автомобилски делови. Се согласив, па добив порака од еден див паркинг на автопатот Белград Ниш, од ВЦ кое беше посочено  да земам кутија цигари во која имаше 600 евра пари за пат, мобилен и сим картичка. Кога се вратив дома, решивме да одиме заедно цела фамилија и со парите да си купиме облека. Така и бидна.

Некаде во Турција почнав да добивам пораки, сите преку  број на операторот на Телеком Србија, што и како треба да постапам. Се сместивме во евтин хотел во Истанбул, во кутија  од цигари ги оставив клучевите, заедно со паркинг билетот од колата на означеното место. Следниот ден, на истото место ги земав, но колата беше на друг паркинг. Кога ја отворив, проверив немаше  резервни делови, ниту нешто друго во местата каде можев да видам. На влезот во Македонија, кога  царинарниците пронајдоа најлонски пакувања, прв пат во животот видов дрога. Силно се каам, што бев лековерен и поверував, само за да може мојата фамилија да исплива од долговите. Жалам за стореното дело –рече Ивица Михајловиќ. 

Неговиот бранител  адвокат Верица Кузманова, во завршниот збор праша зошто не се земени отисоци  од прсти од  пакувањата со дрога , бидејќи само така ќе се докаже дека обвинетиот имал намера да го пренесе хероинот од Турција во Србија. Тој останува во притвор, дрогата се одзема исто како и автомобилот марка мерцедес А 140, кој бил позајмен од другар на Михајловиќ.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »