Петар Печков
Објавено: вторник, 25 октомври 2022
Таксистот Љубе Трајковски (66 год) од Велес, доби седум години затвор за сообраќајка која се случи на 10 февруари 2020 година, во која едно младо момче почина а тројца патници беа тешко повредени. Автомобилот на обвинетиот бил удрен од товарен воз, кога тој преминувал преку железнички патен премин.
Трајковски се товареше за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот, во сообраќајот“. Според обвинителството делото е сторено со умисла, поради тоа што обвинетиот секој понеделник, среда и петок, ги носел патниците на дијализа во велешка болница и знаел дека на критичното место има железнички патен премин и мине воз.
Пресудата ја образложи судијката Габриела Гајдова претседател на петочлениот кривичен совет.
„Тврдењето на одбраната дека во критичниот период не работела светлосната,звучната и вертикалната сигнализација не се точни. Видеото кое беше предложено за сведочењето, самиот автор констатира дека е снимано пет години пред настанот. Вештото лице недвосмислено укажа дека обвинетиот не ја почитувал поставената сигнализација, преминал во налет преку преминот, наместо да сопре бидејќи имало таков сообраќаен знак“ - кажа Гајдова.
Пресудата во судница ја слушна мајката на починатото момче Мартин (23 год), Нада Ѓорѓиева.
„Синот ништо не може да ми го врати. Ама барем возачот да дојдеше дома да се извини, да изрази сочувство. Без малу три години поминаа, ној не се појави ниту дојде“ - рече Нада.
И правните застапници на останатите оштетени во сообраќајката изразија револт, што обвинетиот Љубе Трајковски за време на судењето не изразил каење, жалење за стореното, не покажал сочувство. Тој тоа го стори дури на крајот, по прозивките од оштетените. Обвинетиот тврдеше дека е невин а причини за сообраќајката наброи неколку но и детално објасни како таа се случила.
„Возот возеше брзо, ниту свирна дека доаѓа. Околу железничкиот премин кој е обраснат, има многу џбунови и дрва, од кои нема прегледност дали иде или не воз. Не го видов возот, нема светлосен сигнал. Ако сопрев на пругата сите ќе загиневме. Задниот десен дел од автомобилот, беше удрен со скалилата на машината, кои се за машиновозачот да се искачи до кабината. Потоа не` занесе и автомобилот удри во металниот столб, па се извртевме и вагоните што доаѓаа последователно не` удираа и кршеа“ - изјави Трајковски.
Предвидениот минимум затворска казна за ова дело беше четири години. Пресудата не е правосилна, странките имаат право на жалба.
Tweet |