Петар Печков
Објавено: вторник, 09 ноември 2010
Во Велес се засадуваат седум илјади рози на јавните површини во градот, со што започна да се чисти почвата од тешките метали кои во висок процент се застапени во неа. Ова е прв пат на Балканот да се започне процес на детоксинација на земјата а во интерес на здравјето на граѓаните. Пионерскиот чекор на фиторемедијација, отстранување на тешките метали од почвата со помош на кореновиот систем на растенијата е пионерски чекор за екологијата не само во Македонија туку и во поширокото опкружување. Енормното присуство на олово и кадмиум во велешката почва е резултат на три децениското неконтролирано работење на Топилницата
Со овој проект Велес има седум илјади нови пријатели, тоа се розите, кои ќе ни овозможат да ги отстраниме отровните метали од земјата. Ова е поттик на сите луѓе со добра волја да се приклучат во борбата на велешани за здрава и чиста животна околина. Тука очекувам да се вклучат и Владата и надлежните министерства но и невладиниот сектор, секој на свој начин да помогне. Ќе имаме двоен ефект и цветен град и чиста почва – изјави Горан Петров градоначалник на Велес.
Во овој голем ден за велешани тој не беше сам, помогнаа и градоначалниците од збратимените Свиштов (Бугарија) и Ужице ( Србија), кои на овој начин ја поддржаа акцијата. Во Градскиот парк во Велес, каде започна засадувањето на розите, голем број на деца и спортисти кои дадоа пример за реализација на проектот а во интерес на идните генерации. Розите кои се повеќе годишно украсно растение, преку кореновиот систем ќе ги собираат кадмиумот и оловото кои се високо штетни и отровни по здравјето на луѓето. Тие се присутни во почвата во велешко во висок процент, поради што стручњаците одамна препорачуваа градот да биде зазеленет и да нема гола земја.
Ова е голем ден за велешани, започнуваме сами да ја чистиме почвата. Досега само апелиравме и баравме помош а сега тоа го правиме на дело со општина Велес и швајцарската амбасада, позеленување и расцутување на најзагадениот град во Македонија и пошироко. Ќе бидат засадени терените и во училиштата и градинките, сите јавни површини во Велес. Во следната фаза ќе ги вклучиме и граѓаните и ќе им доделиме и нив рози за тие да засадат во нивните дворови, со што проектот ќе биде поуспешен – изјави Ненад Коциќ претседател на ЕД Вила Зора која е носител на овој проект на засадување на рози во Велес.
Тој апелира до велешани да се грижат и ги негуваат розите да останат во парковите. Пред една година професори од Земјоделскиот факултет изведоа проби на површина во училиште, каде се покажа дека овој процес на фиторемедијација дава резултат, бидејќи со еднократна употреба на детелина таа апсорбирала 50 отсто од кадмиумот а од оловото 15 отсто.
Tweet |