Петар Печков
Објавено: петок, 07 јули 2023
Седум месеци лицата со дијабетес на инсулин не добиваат ленти и глукомери. Тие се составен дел од животот на секој пациент кој има дијабетес тип 1 и мора да го мерат шеќерот во крвта по пет пати на ден. За лицата со тип 2, тие вршат до две мерења во текот на денот. Овие ленти и глукомери се потребни за пациенти да знаат каква храна да консумираат и колку пати на ден.
„Ако не го контролирам внесот за храна, доколку имам висок шеќер во крвта може да се развијат компликации, невропатски, кардиоваскуларни заболувања, ретинопатски промени. Тие доведуваат до слепило, мозочни и срцеви удари. И во период од повеќе од половина година кога нема глукомер или лента, како јас да го контролирам моето здравје. Имам пензија од 13 илјади денари а што попрво со неа да купам, дали летни, дали храна или да платам комуналии“ - вели велешанка, која со овој проблем се судрува од почетокот на годинава.
Преку програма, глукомерите и лентите ги обезбедува Министерството за здравство.
„За жал овие глукомери и ленти кои ги обезбедува државата ги нема во аптеката. Има такви кои се плаќаат приватно. Има лица кои се боцкаат и по пет пати на ден и од каде средства за да се купат толку многу, месечно над три илјади денари е тој трошок“ - вели друг пациент со дијабетес.
Нема ниту пред дијабетна терапија, за лица кои имаат развиено компликации, со срцев удар, со кардиоваскуларни проблеми, со стентови, со мозочен удар. Тие примаат дополнителна терапија за дијабетес, која исто така со месеци ја нема . Ниту околу 500 деца со дијабетес во Македонија не можат да дојдат до сетови за инсулински пумпи.
Од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија велат дека нивниот предлог, кој функционира во земјите од ЕУ, но и во соседството Србија, Косово, засега не е земен во предвид, а бил добро решение.
„Предлагаме модел со референти цени. Во пракса тоа значи дека од државата добиваме потврда со одредена сума, која ја користиме во аптека. Ако има и поскапи јас ги купувам но ги доплатувам. Кратко кажано, како што функционира за набавка на очила, за протези, така и за лентите и глукомерите“ - вели Димче Велев претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Министерот за здравство вината ја лоцираше во доцнењето на тендерите за јавни набавки.
„Имало некое задоцнувањето во тендерирањето на јавните набавки. Не знам што било конкретно, но ги презедовме сите мерки да не се повтори, да не се случува пак. Работиме да ги поставиме работите, по постулати а не по волја на министерот, јас или тој што ќе дојде по мене, тендерите да бидат објавени на време“ - рече министерот Фатмир Меџити.
Проценките се дека во Македонија има околу 100 илјади пациенти со здравствени проблеми со дијабетес.
фото Министерство за здравство
Tweet |