Петар Печков
Објавено: петок, 06 ноември 2020
Жителите на населба Речани реагираа на загадувањето кое го предизвикуваат дел од нивните сограѓани. Несовесни жители палат остатоци од растителниот свет и со тоа се создава облаци од чад. Поголемиот дел од жителите се лути на дел од соседите, кои создаваат загадување.
Оваа слика на чадевници е присутна во есен, деновиве рано претпладне или доцна попладне. Се чистат бавчите, дворовите, се пали сувата трева, остатоци од градинарските растенија, цвеќето кое се корне. Облаците од чад ги вдишуваме сите, и нашите деца, но и тие што палат - велат дел од жителите на населбата.
Горењето на вакви суви материи и стрништа, според стручните лица, е мошне опасно, бидејќи испуштат азотни оксиди и други отровни материи, кои се штетни по човекот и животинскиот свет. По реакциите од жителите на населба Речани во врска со палењето на сува трева, Општина Велес упатува апел до сите жители, да се воздржат од палење на остатоци по земјоделски површини, независно што се наоѓаат на приватен имот.
Палењето на сувата трева и остатоците од градините, има низа негативни последици како за почвата, така и за амбиенталниот воздух. Така долготрајно се уништува земјата со што се убиваат корисните микроорганизми кои се важни за рамнотежа и за создавање на хумус. Освен тоа, чадот од запаленото огниште го загадува воздухот, а може да предизвика и пожар од големи размери - изјавија од локалната власт, по прашањето што тие преземаат за да се заштитат жителите на населбата од чадот, кој секојдневно го има.
Од локалната власт потсетуваат дека палењето на стрништа е строго казниво и забрането е со закон. Во зависност од тоа, дали прекршокот го прави физичко или правно лице, паричната казна достигнува и до 500 евра во денарска противвредност.
Tweet |