речник контакт

Селма Биберовиќ е првата Македонка која дипломирала на воената академија во Лондон

Кралската Воена Академија е со три вековна историја и e меѓу трите најдобри во светот, заедно со американската Вест Поинт и француската Сен Сир. Таму заврши Селма која е од Горно Оризари

Петар Печков

Неодамна во Лондон, меѓу 150-те кандидати кои завршија на престижната Воена Кралска Академија  се најде и името на Македонката Селма Биберовиќ. Таа беше и дел од 25-те интернационалци, кои посетуваа настава во 2015-та година а по успешното завршување добија вредна диплома од Академијата.

Таа е меѓу трите најдобри во светот, заедно со  американската   Вест поинт  и  француската Сен Сир.  Колку значење даваат Британците на чинот на доделувањето на  дипломите, говори и тоа што  во завршната парада како почесен гостин  беше Принцот Вилијамс.  За овие 12 месеци, Биберовиќ посетувала настава во три семестари.

Успешно го завршив основниот офицерски курс, кој траеше 42 седмици. Во овој временски период  интензивно се изучуваа воени и академски науки од областа на лидерството, менаџмент, психологија, меѓународни односи и дипломатија, воена доктрини. За прв пат и Македонија имаше свој претставник, преку мене  на оваа Воена Академија - вели Биберовиќ.

Кралската Воена Академија   е  со три вековна историја, големи  и значајни успеси и традиција позади себе.  Сонот на младата  Биберовиќ, од велешкото Горно Оризари започнал да се остварува кога во 2009-та била примена на Воената академија во Скопје. Тоа е првата генерација во која имало и жени питомки, завршила редовно 2013-та. Како студент на академијата во Скопје е една од најдобрите за што добива признание и од претседателот Иванов.  

 По завршувањето добила  чин потпоручник се вработила во АРМ во  баталјонот за врски, во касарната Илинден.  Веќе следната  пријавила, ја селектирале на британска воена академија   а откако успешно минала  низ долгиот процес на  тестови, селекции била примена. 

Се здобив со единствено  и прекрасно искуство, нова култура, традиција, во армија  која има успеси зад себе.  Предизвик е  да се учи со нив. Имав можност да бидам и таму  дел од прва генерација кога и машките и женски кандидати бевме исто третирани  и тестирани. Очекувам дека стекнатите искуства и знаења ќе можам да  ги применам тука во  Македонија, за да извршам некоја промена, да одбереме со надлежните од АРМ што е најдобро - додава Селма.

 Таа лично има  големи планови, а дел да бидат реализирани ќе биде среќна. Се гледа како  командант на баталјонот за врски, а подоцна и како претставник на Македонија во   НАТО. Оваа девојка ги руши предрасудите за машко- женска поделба на професиите, за војската. Имала можност да биде дел од првата генерација која се запишала Воена академија во Македонија. 

Отсекогаш мислев дека офицерската професија е нешто посебно, дека бара многу пожртвуваност и љубов. За мене офицерите се обични луѓе, коишто прават необични и несекојдневни работи за доброто на својата земја.  Сметав дека токму тоа е професија којашто најдобро би ми одговарала, и би ја работела со многу љубов. Тоа што сум женско, никогаш не ми претставуваше никаква пречка. Токму тоа во одредени ситуации беше мотивација и предизвик да работам понапорно  и да докажам дека жените во одбраната заслужуваат рамноправност - објаснува Биберовиќ.

И додава  дека  односот на колегите кон неа на работното место е максимално професионален и фер.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »