речник контакт

Селото Горно Јаболчиште, на крајот од светот

Со двеипол илјади жители селото Горно Јаболчиште, го живее мирниот зимски сон. Репортажа од животот во селото, за маките на селаните.

Петар Печков

На триесетина километри  северозападно од општинскиот центар Чашка, се наоѓа е селото Горно Јаболчиште каде живеат околу две и пол илјади жители. Сместено на надморска височина од илјада метри во пазувите на Јакупица, под врвот Солунска глава, во идеални климатски но во лоши животни услови, со децении опстојуваат селаните на ова планинско село.   До него тешко се доаѓа поради лошиот пат во должина од десетина километри, кој не е асфалтиран  а поради подземните води  и постојниот земјен сериозно е оштетен.

Ова село е заборавено од државата, живееме сами и отсечени. Листата на поплаки е голема и долга, ништо со години не е преземено. Овде политичарите  само за избори  доаѓаат, бидејќи од лошиот пат ќе имаат проблеми со здравјето. Вода, струја, канализација  има а како да нема. Штета е за децата, кои ги има околу илјада, за нив, за нивната иднина, мора нешто да се стори. Се чувствуваме како во некој затворен кафез,  од каде тешко се излегува  а уште потешко се влегува – вели  Беќир Шаќиров претседателот на Месната Заедница.

Се жалат на  земјениот пат кој им е единствена врска со светот и е неупотреблив.  Ништо подобра не била состојбата и со останатите  комунални прашања. Вода во селото има, но само за еден дел, каптажата е мала па затоа кај поголемиот број домаќинства чешмите се суви. Канализација нема, па  многу смет  завршува во реката Тополка. Струја има, но напонот е низок.

   Tри пати сами го гасиме пожарот во трафостаницата, ако не сме ние ќе отиде и таа а покрај неа и блиските куќи. Поплаките до ЕВН, да го решат овој проблем, се без повратна реакција. Поради тоа компјутерите што им ги дадоа на учениците во училиштето се неупотребливи и така фаќаат прашина. Учениците  во училиштето се греат со јакни, бидејќи само мал број училници имаат исправни ќумбиња. А во школото немаат ни вода,  децата раце да се измијат – вели Мерван  Идризов.

Тој од неодамна е вработен во локалната самоуправа  на општина Чашка и еден од  малкумината среќници што добиваат плата во селото. Бидејќи немаат можност за егзистенција, 350 млади од Горно Јаболчиште се на работа во странство, повеќето во Италија. Таму работат најтешки физички работи, сеча на шума или чистењето на просторот под  електричните далекуводи. Лани двајца млади животи згаснале во несреќни случаи при работа во туѓина Дваесетина од  невработените млади се со факултетско образование а има и еден магистер, но за нив како и за повеќето нема работа. Селаните живеат од сточарство и одгледување компир. Се жалат и тоа што на 2,5 илјади жители имаат само еден лекар, кој од петок попладне до понеделник напладне не е во селото.

Јавна тајна е дека половината од жителите на овие две села се родени во превозно средство, обидувајќи се да стигнат до соодветна здравствена институција.   Поради катастрофалната патна инфраструктура, која е се само не е пат, многу жители не добија здравствена помош кога им беше најпотребна, бидејќи починале на пат до Велес. Голем број наши сожители ќе беа со нас живи, ако патот добиеше соодветен третман од надлежните институции. Цели 20 години ништо не е сторено за подобрување на мизерните услови на живот во двете населени места, Горно и Долно Јаболчиште, во кои живеат албанци. Затоа во 21-виот век, одбиваме да умираме по козјите патишта, само затоа што надлежните не нашле начин да го изградат патот во должина од 10 км. Сигурно многумина се согласни со нас дека најглупава причина за смрт е  лошиот пат – изјави Агим Муртезанов претседател на невладината организација ЦГП ,,Мозаик,,.

Ваквата лоша состојба беше повод неодамна, пола македонска Влада, сите албански министри да дојдат во селото и на лице место се уверат во условите за живеење и да им најават подобро утре. Локалната власт во општина Чашка го знае проблемот во селото и најавува дека најголемиот, патот, скоро ќе биде решен.

 Од пролет, почетокот на март ќе започне асфалтирањето на патот во должина од 10-тина километри, средства има обезбедено и тој е планиран за градба. Кога тоа ќе заврши, ќе можеме етапно да ги решаваме и останатите, водата, канализацијата. Од есен ќе се воведе топловодно греење во училиштето. Знаеме дека од 90-тите години во овој дел не е ништо направено, но нашата општина е рурално -планинска со 800 км квадратни и тешко е секаде да се стигне да се направи нешто.  По изградбата на патот ќе биде полесно бидејќи производите одгледани во овој еколошки чист предел, со ознака органски, се многу барани. Така жителите ќе имаат можност полесно да ги пласираат - објаснува Горан Пановски градоначалник на општина Чашка.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »