Петар Печков
Објавено: недела, 05 февруари 2012
Завршија двонеделните грижи и стравувања за семејството Манаскови, како нивниот син Дејан ќе го мине првото жестоко искушение, учеството на Европското Првенство во ракомет во Србија. Најмладиот македонски репрезентативец одлично се вклопи во одбраното друштво, стана миленик на нацијата. Таткото Пепи, мајката Нина и братот Мартин се горди на нивниот Дејан, задоволни од прикажаната игра и среќни што најдобриот македонски ракометар на сите времиња Пепи Манасков, доби достоен наследник во ракометот.
Не ми беше лесно да бидам во публика и да гледам што се случува на теренот. Дејан многу кратко време беше во репрезентација и како најмлад учесник во овој состав не ми беше сеедно, поради неговото (не) искуството. Моите совети за него беа дека од ова првенство тој може само да биде во ќар, да профитира, ништо не можеше да загуби. Му велев биде храбар, биде концентриран, ти можеш, ти знаеш, слушај ги советите на соиграчите и тренерот и се ќе биде во ред. Сепак репрезентацијата имаше разработени своја игра, свој концепт и не можев во тоа да се мешам, советите беа само во неговиот дел да биде уверен во своите квалитети – вели таткото Пепи Манасков, некогашниот македонски бомбардер.
Тој ја предводеше македонската селекција на ЕП 1998-тата во Италија, каде нашата селекција го зазеде 12-тото место од исто толку учеснички. Тоа беше прво учество на машката ракометна репрезентација на еден голем собир. По 14 години Пепи дочека повторно еден Манасков да учествува на ЕП, овој пат неговиот постар син, Дејан. Неговите два сина од мали нозе се израснати во спортските сали. Биле присутни заедно со мајката Нина, како гледачи на настапите на таткото и така е создадена таа спортска крв кај нив, иако родителите никогаш не навалувале дека децата треба да бидат ракометари. Дејан на првото учество со репрезентацијата на ова ЕП одигра вкупно 47 минути и постигна 4 гола, по два на Чешка и Германија.
Ретко кој може да се пофали дека на 19 години бил учесник на ЕП, дал голови и имал придонес во одличното петто место на репрезентацијата. Прекрасно беше се, како во сон. Составот го краси другарството и заедништво, ние гинеме еден за друг. Се дружиме и кога не сме на терен, постојано сме заедно, сплотени сме. Отидовме да ја победиме Чешка и да влеземе во вториот круг, меѓутоа како првенството минуваше бевме се посилни и станувавме свесни за својата моќ. По промашувањето со Германците ми беше многу тешко, но на грешките се учи. На крајот излезе дека ни јас не ја спасив Германија да не се квалификува за ОИ во Лондон. Пред нас се нови настапи, нови натпревари и имаме шанси да го повториме овој успех и да го надминеме –вели деветнаесет годишниот Дејан Манасков.
На прашањето што ќе памти а што ќе заборави од ова ЕП како од пушка одговори ,, промашувањето со Германците ќе го помнам цел живот, нема што да заборавам се беше убаво,,. Се надева дека еден ден во репрезентација ќе бидат заедно со брат му Мартин, како Кире и Филип Лазарови и како Златко и Наумче Мојсовски. Уште отсега пред него се наоѓа голема обврска, претешка за неговите години, јавноста е во дилема дали ќе го надмине татко му Пепи.
Многу рано е да размислувам да го достигнам резултатот и успехот на татко ми. За тоа ќе разговараме по 20-тина години. Времето ќе го покаже тоа. Тоа е тежок товар, треба напорно да се работи, работи и работи. Многу тренинг. Јас од една година возраст сум во сала, бев на тренинг, на натпревар да го гледам татко ми. Никогаш немав притисок да тенирам ракомет, тоа беше моја желба и јас одлучив – вели Дејан.
Совети во Ниш и Белград примал и од Пепи за неговата игра. По натпреварите му кажувал што згрешил, што да исправи и тие му биле добредојдени. Дејан Манасков започнал да игра ракомет на осум години во Борец, во Велес и на 15 години заминал во скопски Металург. Слична е животната приказна и за неговиот помлад брат Мартин, чии почетоци се во Борец, продолжуваат во Металург, каде сега е член на втората екипа Металург Јуниор. Тој и неговиот брат ја држат левата страна од екипата, Дејан е крило а Мартин бек, како татко му. Не ја пропуштил можноста во живо да ги следи средбите на македонската репрезентација на ова ЕП, бидејќи и тоа е собирање на искуство, учење во живо.
Ги гледав натпреварите во Ниш, беше одлично двојно доживување, ја следев репрезентацијата и мојот брат. По овој успех имам поголем мотив за работа за да успеам и да играм за репрезентација и настапувам на некое европско или светско првенство. Беше тешко и возбудливо во публиката, посебно во моментите кога се одлучуваа натпреварите. Мајка ми како деца не носеше на натпреварите на татко ми и така започна да се буди тоа спортско чувство кај нас. Еден ден се гледам заедно со брат ми во македонската репрезентација, на левата страна – вели најмладиот член на семејството Манаскови Мартин, кој има седумнаесет години. Како и е на мама Нина со тројца мажи спортисти, не ја прашавме неа, туку машкиот дел и сите беа едногласни, но низ насмевка признаа ,, многу тешко,,. Иако таа не сакала децата да продолжат по стапките на таткото, животниот пат сепак ги одвел во спортот. Сега и е уште потешко на трибините, кога на теренот ги гледа сопствените чеда.
Пресреќна сум по ова првенство и првите настапи на Дејан за репрезентацијата. Имав желба да не гледам реприза во животот, немав амбиции децата да го наследат таткото, но среќна сум штом тие се задоволни. Ние како родители им ја покажавме правата страна од животот, да станат здрави личности. Вложувавме да спортуваат, да се развиваат правилно, да ги оттргнеме од евентуалните пороци. Но генот си го стори своето, тргнаа и двајцата сина по стапките на таткото. Верувајте многу е потешко да се навива од трибините за своето родено чедо, отколку за сопругот, тоа од лично искуство го почувствував. Кога со својата игра и голови Дејан ја оправда довербата на селекторот да учествува на ова ЕП, на моја среќа и немаше граници. Последните два гола против Чешка никогаш нема да ги заборавам и чувството на радост на целата сала, тоа ме исполни како мајка – гордо и растреперено вели мама Нина.
Таткото Пепи Манасков како тренер на Куманово, ќе биде на сериозно искушение, кога ќе играат против скопски Металург во Супер Лигата, што ќе ги советува играчите, како да го сопрат Манасков помладиот .
Ќе мора да го чуваме во контра, тогаш е најопасен, и да имаме човек за него. Негова специфика е брзината, тоа е главен негов адут, одлика – објаснува Пепи. Во овој квалитет на Дејан се уверија и Чесите и Германците, кога Дејан на ЕП, во првата фаза во Ниш го имаше огненото крштевање. Постигна четири гола, по два на двете селекции, сите од брзи контра напади.
Семејството Манаскови живее на релацијата Скопје, Велес, Куманово. Двата сина се членови на РК Металург, каде тренираат и настапуваат, Дејан во првата екипа, Мартин во Металург Јуниор. Мама Нина е професорка во Економското училиште ,,Јовче Тесличков,, во Велес а тато Пепи е тренер на машката екипа на Куманово член на супер лигата. Дејан е вонреден студент на ФОН а Мартин учи во гимназија. Поради обврските Пепи неговата позната кафетерија во Велес ,, 11,, каде се собираа велешките спортисти повеќе не ја работи .
Tweet |