Петар Печков
Објавено: петок, 18 јули 2014
90 годишен старец е убиен во Велес во четвртокот попладнето. Неговото тело беше пронајдено од случајни минувачи а блиските го идентификувале дека тоа е Јован Цилаков. Тој беше пронајден во школскиот двор на Гимназијата со видливо повреди ан главата, облеан во крв, без знаци на живот. Обдукцијата покажала дека Цилаков починал од насилна смрт, резултат на повредите здобиени од удари со камен во главата.
И лицата кои го пронашле сметаат дека старецот е убиен, оти неговата глава била толку повредена, облеана во крв и не можеле да го препознаат. Цилаков беше пронајден завчера околу 17 часот. Во овој период имало доста луѓе кои седеле и одмарале во дворот од училиштето, кое е од отворен тип, и тука повозрасните велешани наоѓаат ладовина од летната жега.
Старецот седеше на клупа близу до зградата. По некое време стана, најверојатно отиде за мала нужда во грмушките. Го немаше некое време. Шеширот и бастунот беа на клупата. И кажавме на друга жена која се познаваше со него, да отиде да види каде е. Таа замина а што виде самата нека каже – вели една од жените која во тоа време била на просторот каде се случило убиството. Вера Миџова била таа што отишла да го бара и го нашла Цилаков како лежи облеан во крв.
Човекот беше повозрасен и лежеше во грмушките, повреден на главата, со многу крв. Се исплашив и побарав помош од минувач кој беше близу. Тој викна полиција и доктори - вели Миџова која го пронашла лешот.
Телото на убиениот Цилаков лежеше повеќе часови во дворното место на Гимназијата близу до оградата од новата црква, додека работеа увидните екипи. Ден потоа просторот беше исчистен, се беше собрано како доказен материјал. Само големата крвава дамка и дупката од главата каде лежел старецот се сведоци за убиството. Големината на дупката говори со колку голем камен и како силен удар Цилаков бил усмртен.
Главата на старецот беше многу повредена, како да беше удирана со каменот. Не можеше да се препознае, толку беше лоша сликата. Близу до главата на човекот имаше голем камен, кој во еден дел на крајот беше крвав. Викнав брза помош, дојде докторката му пипаше пулс, не даваше знаци на живот и му ја покри главата со бела газа – вели сведокот Иван Радичев.
Пријателите и познаниците на Цилаков, кој живеел во населба Речани, зборуваат дека тој често доаѓал во Велес претпладне и попладне во Пензионерскиот дом, или седел и одмарал на клупата од дворот во Гимназијата. Тие не можат да веруваат дека Јован е убиен од некого, бидејќи старецот немал непријатели и на таа возраст, од 90 години прашање е на кого можел да му пречи или му згрешил за да го усмрти.
Tweet |