речник контакт

Сестрите Прозорови в среда премиерно во велешки театар

Претставата е во адаптација и драматургија на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев

Петар Печков

В среда со почеток во 20 часот, Театарот „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, Велес премиерно ќе ја изведе претставата „Сестрите Прозорови“ работена според „Три сестри“ од Чехов, документаристички материјали и авторски текстови, во адаптација и драматургија на Сашо Димоски, а во режија на Васил Зафирчев. Ништо во оваа претстава не реферира на пиесата на Антон Чехов ’Три Сестри‘ на која упатува насловот, освен најголемиот дел од текстот за изведбата,најавуваат авторите.  

Во оваа претстава, трите Чехови сестри, Олга, Маша и Ирина Прозорови, не се драмски ликови. Трагични се. Исчашени се од зглобот, од нивната природна драмска зададеност и создадени се нови ликови што и натаму го имаат драмскиот квалитет на Чехов – само се обоени со трагична гама и се поставени во нов, фрагментиран систем од односи, чија целина е постигната преку документаристичка рамка. Нивната безнадежност, која гласно нѐ засега, доведена е до екстрем, засегнувајќи го личниот опстанок. За ваквиот опстанок, опстанок среде безнадежност, е создадена оваа претстава – велат авторите на „Сестрите Прозорови“. 

Таа  е прва премиера на велешкиот театар за сезона 2020, која театарот ја реализира од сопствени средства.  Истата в.д. директорот Александар  Ивановски  ја најави дека ќе биде премиерно изведена во ноември лани.

Станува збор за коавторски проект на Сашо Димоски и Васил Зафирчев, во кој улогите ги толкуваат Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски. Костимограф на претставата е Раде Василев, а автор на плакатот и рекламниот материјал е Филип Коруновски. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »