речник контакт

Сиромашните како лабораториски глувци

Фармацевтските концерни мора да ги испробаат своите лекови и на луѓе, а тоа е многу поевтино во Индија и Африка, каде болните и така немаат пари за лекување. Концерните тврдат - скандалот се преувеличува

Петар Печков

Фармацевтските концерни мора да ги испробаат своите лекови и на луѓе, а тоа е многу поевтино во Индија и Африка, каде болните и така немаат пари за лекување. Сепак, концерните тврдат - скандалот се преувеличува.
„Болна сум, немам пари за лекар и за лекови, а овде ми помагаат бесплатно“, објаснува Амена од Питампур во емисија на германската телевизија ВДР. Но, она што Амена не го знае е дека од индискиот лекар, кого го плаќа исто така некој „добротвор“, добива лекови кои всушност воопшто не се дозволени за лекување на нејзината болест.
Оваа Индијка е само една од илјадниците, кои често без знаење и дозвола, учествуваат во тестовите на меѓународните фармацевтски концерни.

Веќе со години тие нудат такви терапии во земји како Бангладеш, Индија, но и во Африка и во Кина. Зашто, според прописите на службите за регистрација на лекови на Запад, сите лекови, пред да се најдат на пазарот, мора да бидат испитани и врз луѓе. Теоретски, според т.н. Декларација од Хелсинки, постојат строги правила за овие тестови, тие мора да бидат доброволни, испитаникот може во секој момент да го прекине учеството, а посебно кога се работи за хронични болести, фирмата мора да му помогне на пациентот и по завршениот тест.

„Хуманоста“ на фармацевтските концерни
Тоа всушност значи и огромни трошоци: развојот и испитувањето на некој лек може да чини и до 800 милиони евра. А лекови кои треба да бидат испитани има многу. Само концернот Берингер-Ингелхајм во моментов спроведува 125 испитувања во 72 земји во кои учествуваат повеќе од 70 илјади испитаници. Слично е и кај останатите производители на лекови на светскиот пазар.

А тестовите во некои од „сиропиталиштата“ на нашата планета драстично ги намалуваат трошоците.
Индија е особено привлечна: не само што таму живеат околу 700 милиони луѓе кои практично немаат пристап до некој специјалист, туку во таа земја има и добро образувани лекари кои помагаат во спроведувањето на испитувањата. Освен тоа, се чини дека и самата држава Индија го сака тоа. Зашто, во 2005 година земјата во голема мерка ги ублажи критериумите за извршување на тестови на лекови. Речиси е лицемерно овие тестови да се спроведуваат под плаштот на - хуманитарна помош.

Како што објаснува Кристијан Вагнер-Алфс, хемичар во организацијата БУКО, која ја истражува активноста на фармацевтските концерни во Третиот свет, во Индија многу луѓе живеат во голема беда и меѓу нив не е тешко да се најдат болни токму од онаа болест која ја интересира концернот. Тие и така немаат можност за лечење и „кога добиваат можност за терапија, тогаш се разбира, понудата е привлечна“.

Ролф Хемке од Здружението на производителите на лекови нагласува дека „фармацевтските концерни можат дури и да помогнат и да го ублажат недостатокот од здравствена заштита со тоа што тамошните болници ги снабдуваат со модерна техника и пресонал“. Се разбира, таа модерна техника во случајов им служи на концерните, но мора да се признае дека таа сепак останува и за добро на тамошното население.

Индија е пожелно одредиште за такви експерименти од уште една причина: во многу делови од земјата таму мртвите традиционално се запалуваат. Така, во Индија ретко се случува обдукција, па ако нешто и тргне наопаку, веќе нема никакви докази кои би ги товареле фармацевтските концерни. Во меѓувреме и индиските медиуми се во воен поход против меѓународните концерни. Меѓу 2007 и 2010 година, како што јавуваат тамошните експерти, умреле 1725 луѓе во текот или непосредно по некоја здравствена студија. Неретко испитувањата се вршат и на малолетници, дури и на деца, без дозвола на родителите. Само во многу ретки случаи им се плаќа отштета на семејствата, не поголема од 2500 евра.

Фармацевтските концерни долго молчеа, но овие, па дури и погласни обвинувања за убиства на болни, сепак ги натераа да објават барем дел од своите тајни. Тие навистина признаваат постоење одделни „црни овци“ чија цел е тест на лекови со помали трошоци со оправдување на сите можни средства. Но, концерните истовремено потсетуваат дека надлежните служби во Европа и САД се премногу строги во однос на тестовите на лекови врз луѓе и ним мора да им се објасни кога и каде се вршени тестовите. Здруженијата на производителите на лекови тврдат дека најголем дел од тестовите се спроведува на Запад! Така и во самите САД минатата година е започнато испитување на 2590 лекови, во Германија на 715, во Велика Британија, Канада и Франција по околу 500, а во Кина и во Индија по 200!

Кристијан Вагнер-Алфс пак објаснува дека постои уште еден мотив за таинственоста на концерните кога е во прашање испитувањето на лековите. Таа не е толку бескруполозна како користењето на сиромашните како лабораториски глувци, но не и ни многу поблагородна. А тоа е - алчноста и желбата на концерните што подолго да го задржат патентот за одреден лек или препарат.

Имено, по одреден рок, секој може да произведува лек со кој концерните заработуваат милиони, па дури и милијарди. Хемиските концерни така понекогаш менуваат само дел од некое хемиско соединение, често дел кој е безначаен во однос на дејството, само за да стекнат право да го продолжат патентот.

 текстот е преземен од радио Дојче веле - Бон

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »