речник контакт

Сите незадоволни од изведбата на патот кон село Иванковци

И мештаните и инвеститорот реагираат на изведбата на локалниот пат

Петар Печков

Локалниот пат до велешкото  село Иванковци во должина од 10 километри неодамна беше реконструиран, асфалтиран и проширен. Но дел од трасата по неколку дена од градежните работи е неупотреблива и лоша за возење. За ова реагираат мештаните, кои се чудат како може патот веднаш да се уништи. Тие изразуваат сомнеж во квалитетот на  изведбата.

На поправка на патот  чекавме дваесет години, но попусто. Дел од неговата траса, штом изведувачот си замина почнаа да се јавуваат пукнатини, оштетувања. Иако нов, беше уништен. Видоа дека ја згрешија работата, започна да го санираат.  Сега е како да е крпен, иако е нов има на секој десетина метри поправка. Згора на тоа остатоците од асфалтот кој беше неквалитетен се покрај патот. Изведувачот ниту ги фрли, ниту ги отстрани  – вели жител на село Иванковци. 

За илустрација какво е возењето на дел од ново асфалтираниот пат, тие велат како да има легнати полицајци, така се чувствувале додека стигнат до дома. Згора на тоа потсетуваат дека тие се земјоделско село, имаат доста механизација и затоа патот треба да  биде добро изграден, за да ги издржи нивните тешки  машини а не да се поправи само заради естетика.  И од ЈП за државни патишта не се задоволни од изведбата.  До нив стигнале информациите од надлежниот надзорен инженер  за одредени недостатоци, по што е  извршен увид во градежните работи.                

Изведбата на патот се работеше според проектна документација и за да се провери зошто е дојдено до оштетување на патот земени се примероци од асфалтот и од тампонот од страна на две независни институции,  Градежен факултет и  Градежен Институт Македонија. Овие примероци треба да ги  утврдат причините за неквалитетната изведба на еден дел од патот. Се очекува во текот на наредната недела   да добиеме извештај и препорака од овие институции која ќе вклучува мерки за санација на оштетените делови од патот, по што ќе се  издаде налог на изведувачот  за санирање на оштетените делови од патот – велат до  ЈП за државни патишта. За реконструкција на овој пат државата оддели 750 илјади евра.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »