Петар Печков
Објавено: петок, 03 јануари 2020
Министерството за труд и социјална политика ја објави Програмата на неработни денови за 2020 година, во согласност со Законот за празниците. Од вкупно 10 неработни денови за сите граѓани, шест се поврзуваат со викендот, за разлика од минатата година, кога имаше седум продолжени празнични викенди за сите граѓани.
Граѓаните од православна вероисповед, првиот продолжен викенд ќе го имаат за време на Божик бидејќи за нив, освен 7 jануари (вторник), неработен е и 6 jануари (понеделник) и ќе одмараат четири дена.
Првиот продолжен викенд за сите граѓани ќе биде за време на христијанскиот празник Велигден, кој како неработен е на 20 април, понеделник. За православните верници ќе започне на 17-ти април –Велик Петок и и тие ќе имаат четири дена одмор.
Продолжен викенд ќе има за 1 Мај, Денот на трудот, кој е в недела, поради што се префрла в понеделник, така што граѓаните ќе одмораат уште еден продолжен викенд.
Неработниот ден за 24 Мај – Св. Кирил и Методиј, Ден на сесловенските просветители, е в петок, a истиот ден е неработен и поради празникот Рамазан Бајрам.
Продолжен викенд има и за Денот на Републиката – 2 Август, кој е в недела, поради што неработниот ден се префрла в понеделник.
Денот на народното востание – 11 Октомври е уште еден неработен ден што се врзува со викенд, бидејќи исто така е в недела и се префрла в понеделник. Продолжен викенд ќе има и за 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, кој е в петок.
За сите граѓани неработни денови се и 1 јануари (среда), Денот на независноста – 8 Септември (вторник) и 8 Декември – Свети Климент Охридски (вторник).
За граѓаните од православна вероисповед неработни се и Бадник, 6 јануари, ден пред Божик, 19 јануари – Богојавление (недела), 17 април Велики Петок, пред празникот Велигден, и 5 јуни (петок) за Духовден. Неработен ден за нив е и 28 август (петок), Успение на пресвета Богородица. Така православните верници ќе имаат споени по три дена за Духовден бидејќи 5-ти е петок, како и за Успение на Света Богордица, која е на 28 август-петок.
За граѓаните од католичка вероисповед неработни се и 13 април (понеделник) – Велигден, вториот ден на Велигден, 1 ноември – недела, Празникот на сите светци, како и 25 декември (петок) – првиот ден на Божик.
За граѓаните од муслиманска вероисповед неработен е и 31 јули (петок) – Курбан бајрам.
За граѓаните припадници на албанската заедница 22 ноември (недела), Ден на албанската азбука.
За граѓаните припадници на српската заедница неработен е 27 јануари (понеделник), Свети Сава.
За граѓаните припадници на ромската заедница 8 април (среда), Меѓународен ден на Ромите.
За граѓаните припадници на влашката заедница 23 мај (сабота), Национален ден на Власите.
За граѓаните припадници на еврејската заедница 28 септември (понеделник), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур.
За граѓаните припадници на бошњачката заедница 28 септември (понеделник), Меѓународен ден на Бошњаците.
За граѓаните припадници на турската заедница 21 декември (понеделник), Ден на наставата на турски јазик.
Tweet |