Петар Печков
Објавено: четврток, 20 јули 2023
„Ски центарот Кожуф беше колатерална штета заради рудниците. Тој настрада заради една неразумна одлука на Владата на Никола Груевски од 2012 година, во Македонија да се даде концесија за 22 рудника за бакар и злато“ - вака ја започна животната приказна Ангел Наков, првиот човек на некогашниот Ски центар Кожув, кој седум години е во стечај.
Тој со гордост вели дека ски центарот со 19 милиони евра, бил прва гринфилд инвестиција во туризмот на Балканот на површина од 45 хектари.
„Изградивме наш далновод од 13 км , подземен далновод, за локалитетот има ГУП има ДУП. Имавме прва шестоседна жичара на Балканот, два ски лифта, топови за вештачки снег Владата увиде дека тоа е добар проект и во 2009 донесе одлука да се изгради пристапен пат до Ски цнетарот. Го градеше Гранит три години 2009-2012 додека се градеше патот, ски центарот не можеше да работи. Патот беше многу квалитетен, широк 7 метри, еден од најдобрите планински патишта на Балканот. Но штом се изгради Државниот инспекторат за транспорт го затвори за сообраќај оти бил небезбеден. Така девет милиони евра, колку што чинеше патот, стојат девет години неискористени, ниту еден ден не беше отворен за сообраќај“ - додава Наков.
Потоа тој раскажува како започна падот на оваа инвестиција, која беше гордост за љубителите на планинскиот туризам и пред неа имаше голема иднина.
„Во 2012 Владата на Никола Груевски донесува одлука да издаде 22 концесии за рудници за бакар и злато на седница, без информации за јавноста. Четири оД нив се на планината Кожуф, од нив два се буквално на самиот ски центар. Рудниците се од отворен тип, со површина од три илјади хектари, или површина колку Скопје. Ете толкава површина требаше кратер да стане, каде требаше рудата да се експлоатира на нај девастички начин. Златото требаше да се извлекува со цијанид. Тоа значеше уништување на природа, контаминација на земја. Такви рудници нема во Европа, освен некаде во Африка во пустините. И нашата тогашна Влада тоа го прифати, но не за еден рудник, туку за 22. Тоа е Иловица, Двориште, Кадиица во Пехчево.... Јавноста треба да знае дека не се работи за некои големи количини на злато, па да рече, ние сме многу богати. Тоа се 0,3 - 0,4 грама злато не еден тон руда, што е секаде присутно и во Словенија и во Чешка. Швајцарците имаат 1 грам на тон. Но никаде никој, не даде дозволи за ваков тип на рударство како кај нас“- вели Наков.
По доделувањето на концесиите за рудниците, Општина Кавадарци престанала да им издава градежни дозволи, па им ја исклучиле струјата, затворен бил патот за користење.
„Во 2016 сфативме дека во позадина на нашето уништување е рударството. Затоа се отвори стечај во 2016. Добро е што Гевгелија на референдум имаше 90 отсто излезеност и кажаа НЕ за рудниците на Кожуф. Ако тие рудници проработеа, што ќе се случеше со водоснабдувањето на југот од земјава. Кожуф ги снабдува со вода за пиење Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Гевгелија, Богданци, Валандово. Со тој референдум се стопираа рудниците и се затвори прашањето. Овие десет години ски центарот е оставен на милост и немилост на времето. Како основачи сме таму, го чуваме имотот, ако не бевме ние ќе немаше ниту еден штраф. Има околу 15 објекти и многу други на граѓани од овој регион“ - вели Наков.
Додава дека иако нема ништо со новите сопственици на движниот имот кој се продаде на електронска продажба, како дел од стечајната маса, се надева дека тоа ќе значи повторно живот за скијачкиот центар Кожуф.
Tweet |