Петар Печков
Објавено: вторник, 29 март 2011
Апелациониот суд од Скопје со решение побарал од Основниот суд во Велес да го укине притворот за обвинетите, бидејќи е укината пресудата за предметот убиство во селото Ореше. Браќата Георгиевски вчера ( вторник) попладне околу 15 часот излегоа од Шутка, бидејќи минати се двете години максимум колку што можат да бидат во притвор. Обвинетите таму беа од 4-ти ноември 2008-та година. Во решението Апелација не објаснува зошто ја укинува пресудата од по 12 години затвор за Ордан и Љупчо, која им беше изречена откако со првостепена одлука на Основен суд Велес, беа прогласени за виновни.
По двеипол години притвор моите клиенти конечно ќе излезат на слобода. Денот не е баш сончев, но за нив конечно изгреа сонцето на правдата. Очекувам дека и разрешницата за целиот предмет ќе биде позитивна за нив – изјави нивниот бранител, адвокат Коста Нојков. За овој предмет браќата во два наврати добија по 12 години затвор, но и во двата случаи Апелација го враќаше предметот на повторно судење.
Според обвинението Ордан и Љупчо Георгиевски го усмртиле Лазо Милошевски ( 71 год) на 2-ри декември 2005-тата година, додека тој во неговата куќа подготвувал вечера. Од соседниот двор од триесетина метри растојание околу 20,40 часот биле истрелани два куршуми од кои едниот завршил во Милошевски и бил фатален за него. Старецот е пронајден мртов од соселаните следното утро.
Обвинителството смета дека убиството било извршено по нарачка на македонецот Ѓоре Петровски кој од 1997-ма живее на Флорида во САД заради одмазда. Тој за 20 илјади долари побарал од браќата Георгиевски да го убијат Милошевски, бидејќи во 1995-та Петровски бил застрелан во глава, но преживеал а тој сметал дека на него на железничката станица Орешка чука пукал Милошевски. Осудените браќа Георгиевски и убиениот Милошевски биле во роднинска врска. Пресудата судот ја темелеше врз основа на изјавата на заштитениот сведок ,,Бреза,, кој ги посочи браќата Георгиевски како сторители на убиството.
Тој сведочел дека Ѓоре Петровски од САД, му се јавил телефонски со цел вечерта кога е сторено убиството, да ја земе пушката од плевната на еден соселанец и да им ја даде на браќата. ,,Бреза,, тоа не го сторил. Затоа по неколку дена добил нов повик, кога Петровски побарал да отиде во дол во близина на Ореше, каде браќата ја фрлиле рамката од пушката со која е пукано и да ја земе. Истата подоцна била пронајдена од полицијата по укажување на заштитниот сведок. Токму таа пронајдена рамка за адвокатите на обвинетите беше спорен доказ.
Како може рамката за пушката од која наводно било пукано да биде најдена на 10 октомври 2008 во 20 часот во дол во близина на Ореше, а истата заштитениот сведок Бреза за прв пат да ја посочи дека е дел од оружјето со кое се пукало, на сведочење на 4-ти ноември истата година – вели Нојков. Браќата Ордан и Љупчо Георгиевски во завршниот збор при изрекувањето на пресудата сметаа дека целиот овој процес против нив е хајка без докази.
И додека тие од денес се на слобода, налогодавецот за ова дело според обвинението Ѓоре Петровски од САД се очекува наскоро да биде испорачан во Македонија. Не екстрадиран, туку депортиран. Ова информација ниту ја потврдуваат ниту демантираат ни од МВР, ниту од Правда, а од обвинителството и судот велат дека никој нив не ги информирал до каде е постапката за испораката на Петровски.
,,Дневник,, уште при подигнувањето на обвинението стапи во контакт со македонецот кој живее на Флорида САД, и тој тврдеше дека е невин. По распишувањето на меѓународната потерница тој беше уапсен а откако беше одбиено барањето за екстрадиција, тој беше префрлен во имиграционен притвор, бидејќи престојувал 15 години во САД без регулирано државјанство. По таа основа, САД најавиле дека наскоро Петровски ќе протеран од САД и депортиран во Македонија.
Tweet |