Петар Печков
Објавено: петок, 14 август 2020
Велешанката Снежана Лазарова Луна за десет години работа, ја отвори нејзината десетта самостојна изложба во родниот Велес. Во Ликовниот салон се претстави со 40-тина дела, дел до 80-тината досега работени, сите во мозаик техника, од ориз и синап. Ова творештво ја прави единствен автор во земјава, кој работи со овие две елементи. Меѓу делата кои се изложени, внимание привлекува „Тајната вечера„ која ја работела две и пол години.
Започнав да ја работам во 2015-та ја завршив во 2017-та. Со тоа што во меѓувреме создадов и други слики, изложби. Беше напорно да се сработи, составена е од осум елементи, бидејќи не е можно д асе работи на толкава површина. Нив на крајот го споив во една слика. За јубилејот сакав да ја претставам пред моите сограѓани - вели авторката Лазарова, која е самоук сликар, наивец.
Изложбата е насловена „Се што не ти кажав“ и е дел од содржините на Велешко културно лето. Темите кои ги црта се со мотиви од мртва природа, пејзажи, ликови на светци
Работам со бел ориз и црн синап а во поново време користам и жолто просо. Со нивна употреба се добиваат освен црно белата боја и нијанси, без употреба на бои, мастило, туш. На крајот делата ги премачкувам со специфична смола, која им два долговечност. Кога работам изложби во други градови, одржувам и работилници за оваа моја техника. Таа навидум е лесна, но кога ќе почнат да ја работат посетителите, тешко оди. Не е ни малку лесно, треба трпение- додава Лазарова.
Досега освен во Велес има изложувано во Кочани, Валандово, Струмица, Македонска Каменица а има учествувано и на три меѓународни колонии во Битола и Ресен. Следен град каде оваа изложба ќе биде претставена е во Делчево.
Tweet |