речник контакт

Со 19 години ги освои врвовите на Европа, се подготвува за Азија

Посветен на аплинизмот, Тоше Велев првиот ден од Новата година го мина искачувајќи се по Пешти

Петар Печков

Откако со  неполни 19 години ги освои  највисокиот врв на Европа Елбрус и претходно Монт  Блан, младиот велешанец Тоше Велес не живее во облаците,  во високо. Тој се подготвува  за нови освојувања, за нови височини, нови врвови. Откако ги среди впечатоците од  искачувањето  по планината  Кавказ,    по камениот и карпест дел на овој заспан вулкан, неговите желби пораснаа.

Изминатото лето  се оствари уште еден мој сон, го искачив и Елбрус. За да  стигнеме на врвот од кој се гледа кон три држави Русија, Турција и Грузија, кон Црното море и Каспиското езеро,  минавме  шест илјади  километри пат од Македонија до Русија, преку   Бугарија, Турција и Грузија .Ова е повеќе фигуративно, оти  единствено е сигурно дека од Елбрус  на дланка се гледаат двата континенти Европа и Азија.  Од него се гледаат многу врвови и многу облаци, тоа е глетката која  ја даваат сите планински врвови. Чувството е единствено, прекрасно, убаво, не може да се раскаже и долови – вели младиот Тоше Велев.

Така тој неговата матура ја мина на единствен начин, освојувајќи го највисокиот врв на Европа висок  5.642 метри. При оваа авантура нему му замрзна десното стапало, за што требаше многу време и лекување да се врати во живот и сега да функционира нормално. Но и покрај тоа сега бруцошот не размислува да сопре.  И ја најавува својата следна  цел тоа е врвот Ленин висок 7100м  во Киргистан.

Се вратив во Велес, среќен поради постигнатиот успех. Не помина многу време, а јас веќе почнав да размислувам  и за искачување на други високи врвови. Бев свесен дека за тоа  ќе ми треба уште подобар и понапорен тренинг.  Се искачував на Солунска глава, секој викенд, додека времето беше поволно. При крајот на месец септември успеав да стапам во контакт со Борче Јовчевски, за кого имав слушано и читано многу и отсекогаш сакав да се запознам со него - вели Тоше. 

Тој е посебно горд што за учител го има  Борче Јовчевски кој има огромно искуство во алпинизмот, искачил многу високи врвови, а беше член на првата македонска алпинистичка експедиција за освојување на Монт Еверест.   Тоше љубовта кон планините ја добил на  осумгодишна возраст,  кога со татко му  за прв пат  бил на планина, на Чеплес, ја засакал и тоа прераснало во нешто повеќе, во желба за искачување, за истражување на височините.

Може да се пофали дека со неговите 19 години  веќе ги има освоено, Мусала (2925 м)  на Рила,  Митикас ( 2918м) на Олимп и Вихренд ( 2912м) ,  трите највисоки врвови на Балканот. Се додека временските услови биле погодни тој есенва  од Борче учел да се искачува по планинските карпи. Така и првиот ден од Новата година го минал искачувајќи ги каприте на Пешти.

По неколку разговори решивме тој ме однесе  до карпите на Пешти и  започнавме со  тренинг. Немав многу искуство и знаење околу алпинизмот. Почнав да учам од него. Одевме скоро секој ден,секој ден, учев по нешто ново,совладував нови техники коишто тој  ми ги кажуваше трениравме заедно. Одевме и на Матка во Скопје се качувавме на карпите кои беа високи и по 200 метра. Така започнав сериозно да се бавам со алпинизмот – додава Велев.

Учествувал на алпинистичка балканијада во Демир Капија, каде искачувал  карпи во височина до  300 метри, што ,било огромно искуство за него.  Тренирале и  во близината на Радовиш.. Од сите искачувања Велев ја помни  патеката на Алпите  наречена ,,Кулар на смртта,, каде годишно загинувале и по стотина планинари при освојувањето на Монт Блан.

Патеката  Куларот на смртта   се  две карпи и меѓу нив како корито низ кое од високото се тркалаат огромни камења. Преку зима бил    глечер, кој се одмрзнува во летово и нема што да ги држи камењата и тие без причина се лизгаат. Огромни камења кои се смртоносни за алпинистите. Погледнуваш пред да тргне , дали доаѓа камен и ако нема трчаш. Преминот трае дваесетина  секунди,  широк е стотина метри, сам ја избираш патеката, бидејќи нема ништо што може да помогне и гледаш да стигнеш што побргу на другата страна да го избегнеш дождот од камења. Се носат  кациги, заштитни шлемови, кои малку можат да помогнат ако удри камен – објаснува Тоше.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »