Петар Печков
Објавено: сабота, 30 јули 2011
Во текот на предизборната кампања во Грција во 2009 година, медиумите ги прашуваа граѓаните што е потребно да се стане премиер. Вообичаениот одговор гласел „да се биде син, внук или роднина на поранешниот премиер или претседател“.
Граѓаните на Грција алудирале на политичките династии во таа земја, т.е. на семејствата кои, како што често велат Грците, „владејат со оваа земја“.
Денес на власт во Грција се сменуваат династиите Папандреу и Караманлис, додека доминантна улога во конзервативната партија Нова декомратија заземаат деца и роднини на премиерот Константинос Мицотакис.
Тоа што младите грчки генерации не го знаат, а старите како низ магла се присетуваат, е дека еден од најголемите државници Елефтериос Венизелос има свој семеен наследник. Поранешниот премиер на Грција Константинос Мицотакис е негов роднина. Неговата баба била родена сестра на Венизелос. Токму тоа сродство на младиот правник од Крит му обезбеди да го искористи политичкото наследство од својот вујко Елефтериос.
Веќе од 28-годишна возраст Мицотакис стана пратеник во 1946 година. До средината на 60-тите години од минатиот век, тој стана влијателна личност на грчката политика. Истата година како член на владејачката Унија на центристите, Мицотакис поведе група која истапи од партијата и доведе до пад на владата на Јоргос Папандреу и лидер на таа партија.
Тој чин создаде ривалство меѓу Мицотакис и синот на Папандреу, Андреас, кое се пренесе и на партискиот живот со нетрпеливоста меѓу Нова демократија и Пасок. Следеше воен пуч и диктатура, која траеше д 1974 година.
Својата политичка рехабилитација Мицотакис ја доживеа во текот на 80-тите години од минатиот век, за потоа во 1989 година да стане премиер на Грција. Поради бурната биографија, Грците му доделија прекар „вампир“.
Неговите деца, школувани во странство и денес се влијателни лица во Грција. Синот Кирјакос е пратеник во собранието значајна личност во Нова демократија, додека ќерката Дора Бакојани беше градоначалничка на Атина и министерка за надворешни работи. Таа ја сметаат за идна шефица на Нова демократија.
Семејството Караманлис до сега даде двајца државници. Двајцата се викаат Константинос. Грците обично меѓу нив прават разлика така што постариот го нарекуваат со цело име Константинос, додека помладиот го викаат Костас.
Синот на учителот од северот на Грција, Константинос Караманлис ја започна својата политичка кариера веќе од 29 години, во 1936 година како пратеник во грчкото собрание. По Втората светска војна стана министер за земјоделство, а по десет години беше именуван за премиер на Грција. На таа функција почна да се залага за интеграција на земјата во Европската економска заедница. Меѓутоа, политичките кризи и судирите со грчкиот крал го принудија во прогонство во 1967 година.
Во Грција се врати по седум години како новоименуван премиер. Во периодот по диктатурата во разни кругови бил познат како политичар кој се плашел за својот живот, па живеел на јахта која ја обезбедувала воена морнарица.
Како претседател на Грција стана запаметен по тоа што во 1981 година потпишал пристап во Европската заедница.
Неговиот внук Костас немаше толку спектакуларна кариера како неговиот чичко. Неговиот избор за претседател на конзервативната Нова демократија во 1997 година беше дискутабилен. Во медиумите често се слушаше дека тоа е направено само врз основа на семејното име и неговото сродство со Константинос. За премиер на Грција беше избран во 2004 година.
Неговиот мандат беше одбележан со немири во центар на Атина поради прекумерна употреба на сила на полицијата и бавните реакции на пожарите во 2007 година. Почетокот на економската криза во Грција го означи крајот на неговата политичка кариера.
Семејството Папандреу од сите династии секако е најсликовито. Приказната за тоа семејство почнува на Пелопонез со попскиот син Јоргос. На почетокот на Првата светска војна тој во грчките политички кругови се истакна како заговорник за влез на Грција во војната на страна на сојузниците, што доведе до директен судир со прогерманскиот крал Константинос. Во меѓувоениот период беше на функцијата министер за разни ресори, а пред германската инвазија во 1941 година избега со владата во Египет. По три години, во ослободената Грција се врати како премиер.
Неговата повоена политичка кариера е одбележана со борба за реформи на општеството, секуларизација на државата и ограничување на власта на грчкиот крал. Јоргос Папандреу во истиот период влезел и во латентен судир со својот син Андреас, неуспешен премиер, кој заговараше радикални социјалистички мерки. Судирот со кралот сепак го чинеше власт, а Грција ја чинеше демократија, бидејќи офицерите имаа конечен збор со воведување на диктатурата.
Јоргос Папандреу почина во 1968 година. Неговиот погреб беше повод за масовно јасно искажување на незадоволство од воената хунта. Кај грчкиот народ останал запамтен како „чувар на демократијата“.
Синот на Јоргос, Андреас, харвардски студент и професор на Беркли, за разлика од татко му беше поборник за порадикални пристапи. Во Грција дојде по падот на диктатурата, како член на Унијата на центристите, партија на неговиот покоен татко. За прв пат стана премиер во 1981 година и веднаш почна со мерки за национализација, со реформа на тогашното традиционално грчко општество.
Меѓутоа економските скандали го чинеа функција. По кусата влада на Мицотакис, Андреас Папандреу се враќа на премиерската фотеља во 1993 година, се до смртта во 1996 година.
Синот на Андреас, Јоргос, сегашен премиер на Грција тргна по патот на својот татко, градејќи име врз основа на своето потекло.
На изборите во 2004 година, кога стапи на чело на ПАСОК, а потоа и во 2009 паролата на таа партија гласеше „Андреас, ти живееш, ти не водиш“. На Јоргос таа стратегија му беше корисна бидејќи токму спомените на смелите и радикални реформи на двајцата претходници Папандреу, го доведоа на функција која порано ја држеа неговиот дедо и татко. Меѓутоа и понатаму е неизвесно дали тие исти спомени можат да му помогнат да ја преброди кризата која ја наследи од својот ривал Караманлис.
превземено од Дојче веле - Берлин
Tweet |