Петар Печков
Објавено: четврток, 29 септември 2022
Велес беше дел од стотината градови во Европа, каде синоќа беше завршниот дел од Европските денови на културното наследство. Визуелниот уметник Страхил Петровски се претстави со видео инсталација “Синергија во времето”. Во предворјето на Спомен Костурницата, авторот на специфичен начин го презентираше неговиот труд, мултимедијален настан.
„Темата на инсталацијата е повеќеслојна и опширна. Секој си ја толкува на свој начин. Самиот објект е многу инспиративен. Поентата беше да направам синергија, синтеза на моето дело и на авторите на Спомен Костурницата, Денковиќ, Суботиќ и авторот на мозаикот Мазев“ – кажа Петровски.
Куратор на ова дело беше Златко Теодосиевски, историчар на уметноста. Истата инсталација до крајот на годината ќе биде претставена и во Париз, Франција. Со овој настан Народниот музеј од Велес се приклучи кон чествувањето на Европските денови на културното наследство, кои се одржаа од 22 до 28 септември. Годинашната тема беше “Одржливо наследство”.
„Во земјава, не само климатските промени, туку и други околности, како што не негрижата, го зема данокот од културното наследство, движно, недвижно, материјално, нематеријално. Тоа не поврзува со минатото и со иднината“- кажа Елица Николовска в.д директор на Народен музеј Велс. .
Во текот на изминатите седум дена, во рамките на Европските денови на културно наследство беа реализирани околу 50 илјади настани на стариот континент.
Tweet |