Петар Печков
Објавено: сабота, 03 септември 2011
За неколку децении ќе може да се седне во воз на лондонската станица „Ватерло“, потоа да се помине под Ла Манш, да се продолжи патот на исток и на крај да се стигне во Њујорк на станицата „Гранд централ“, а ниту еднаш да не излезете од возот.
Идејата за прв пат беше предложена во 2007 година, а овој пат има реални шанси да се оствари. Реализацијата на тунелот дополнително е зајакната и со поврзувањето на постоечката Транссибирска железничка линија од источносибирскиот град Јукутск. Таа пруга во должина од 805 километри треба да биде завршена во 2013 година.
Тунелот кој е двојно подолг од тунелот кој ги поврзува Велика Британија и Франција, доби зелено светло оваа недела на конференцијата на делегати од Русија, САД, Велика Британија и Кина, одржана во Јукутск.
На конференцијата проектот доби благослов од Кремељ, а меѓу учесниците беше и Александар Левинтал федерален заменик на рускиот претседател Дмитриј Медведев, претставник за далечниот исток на Русија.
Цената на изградбата на пругата и тунелот се зголеми од кога за прв пат беше предложена изградбата, од почетните 53 милијарди долари на 99 милијарди долари.
Меѓутоа, приказната дека поврзувањето на Сибир и Аљаска за првпат било предложено во 2007 година, не е целосно точна. Имено, уште во 1905 година рускиот цар Никола Втори имал слична идеја. Меѓутоа, таа идеја била спречена од избувнувањето на Првата светска војна, од Руската револуција во 1917 година, како и од погибијата на самиот цар во 1918 година. Овој пат Русите мислат сериозно, иако ќе мора да уверат уште 49 американски сојузни држави како и десет канадски провинции дека проектот треба да се направи.
Целта не е само туризам под нула Целзијусови степени, туку и отварање на трговски рути на кои суровините со кои Сибир е пребогат, полесно ќе доаѓаат на американскиот пазар, пренесуваат медиумите.
Според наводи на некои експерти, потенцијалот на пругата достигнува до 100 милиони тони товар годишно. Други истакнуваат дека тунелот под Беринговиот премин може да оствари и до три отсто од светската трговска размена и да генерира околу 11,5 милијарди долари промет годишно, што значи многу брз надомест на вложените средства.
Секако, најголемо е прашањето кој ќе даде 99 милијарди долари за изградба, посебно во овие тешки економски времиња. Се работи за многу тежок градежен потфат чија тежина го надминува износот на средствата за негово финансирање, наведуваат агенциите.
Превземено од Фокус – Сараево
Tweet |