Петар Печков
Објавено: среда, 30 јуни 2010
Таа може да произведе 5 милиони литри вино годишно од кои 300 илјади литри се во буриња, комплетното количество е преработка од сопствените 600 хектари лозје кои даваат род од 8-9 милиони килограми грозје. Целта на компанијата АД Вардар од Градско во чии рамки работи е да се постигне светски квалитет а произведеното да се продава во прифатливи цени за македонските потрошувачи, најави сопственикот Минчо Јорданов, кој по металургијата се зафати да работи и во земјоделието.
Ќе го спасиме македонскиот пазар од вишокот на грозје кој досега како одгледувачи на лозје го нудевме, и сега во заокружен производен процес тоа ќе го преработуваме во квалитетно вино. Тоа е произведено во чисто еколошка средина и од органско производство што е реткост и во Европа. Македонија за жал не произведува добро грозје, туку големо количество кое не е квалитетно по шеќерноста и затоа треба да произведуваме контролирано количество кое ќе има своја вредност на пазарот преку квалитетно вино. Овој објект не е само значаен во регионот туку и за државата по неговата извозна ориентираност – изјави Минчо Јорданов сопственик на винаријата ,,Стоби,, .
Тој најави дека нема да вршат откуп од индивидуалните лозари. Винаријата има капацитет да преработи 60 илјади кг грозје и да флашира 5 илјади шишиња за еден час, што ја вбројува во големите капацитети. Таа е целина за чиј идеен проект архитектите ја имаат добиено биеналната награда на државно ниво, при што објектот опфаќа 5 сали за дегустација, сопствен ресторан и продавница на вино, вработува 30 лица а преку лозарството 400 работника.
Tweet |