Петар Печков
Објавено: сабота, 11 јуни 2016
Вчеравечер во велешкиот театар со доделувањето на наградите завршија 53. „Рацинови средби“ . „Рациновото признание“годинава за првпат го рамноправно го добија двајца писатели од младата генерација: Сашо Димоски за романот „Петтото годишно време“ во издание на Култура и Владимир Јанковски за романот „Невидливи љубови“ во издание на Анголог.
Ова е за прв пат откако од 1971-та се доделува оваа награда истата да ја добијат двајца автори и на тој начин да ја поделат паричната награда која е во висина од 60 илјади денари. „Почесното Рациново признание“ за 2016 му беше врачено на проф. д-р Борислав Павловски од Загреб Хрватска родум од Бјеловар, за неговата афирмација на македонскиот јазик и литература во странство. Павловски работи на Катедрата за македонски јазик и литература на Загрепскиот Филозофски факултет.
Има објавено педесетина трудови меѓу кои неколку посветени на животот и делото на Рацин, а од македонски на хрватски превел 21 драма, како и 13 македонски романи. При добивањето на наградата пред присутните тој презентира една штотуку преведена песна на Рацин од неговата „Антологија на болката“ . Најави дека наскоро од македонски на хрватски јазик ќе ја преведе и издаде и целата стихозбирка „Антологија на болката “. Тој оваа награда ја доби по предлог на проф. д-р Људмил Спасов.
Го добивам затоа што се надевам сум го оправдал со многу труд. Имам преведено над 40 наслови на македонските книжевни дела на хрватски јазик и уште многу други трудови. Работам на катедрата за македонски јазик и литература во Загреб, на која покојниот професор Круме Кепески веќе тогаш сериозно се занимаваше со Кочо Рацин и неговиот опус, а има напишано и дисертација која за жал му ја имаа одбиено и никогаш не е објавена, а тој нема докторирано. Добивајќи ја оваа награда чувствувам дека со неа е вратен долгот кон овој голем човек, мој професор - изјави Павловски.
Тој истакнува дека Рацин е синоним за Велес и Македонија и според него не е само револуционер и поет, туку и нешто многу повеќе, а понатамошните истражувања, како што најави Павловски, треба да дадат и нови сознанија за големината на Коста Солев Рацин. Свеченоста беше збогатена со настап на црковниот хор „Свети Пантелејмон“ под диригенство на проф. Славица Ставрева, со што заврши и програмата на годинашните 53. Рацинови средби во Велес.
Tweet |