речник контакт

Со завршните зборови на обвинителството и одбраната заврши судскиот процес за сообраќајката кај Ногаевци, во која загина младо момче

Мајката на починатото момче изрази револт што обвинетиот ниту се извинил ниту изразил каење за стореното во текот на судењето

Петар Печков

Со завршните зборови на обвинителството и одбраната заврши судскиот процес за сообраќајката кај Ногаевци, кога на обезбеден  железнички премин со светлосна и звучна сигнализација, автомобил преминувајќи преку пругата,  беше удрен од воз,  при што почина едно момче а тројца патници беа тешко повредени. Пресудата ќе биде изречена следната седмица.

Обвинетиот таксист  Љубе Трајковски (66 год)  се товари за кривичното дело „тешки дела против  безбедноста на луѓето и имотот, во сообраќајот“ кое го сторил со умисла.

„Обвинетиот кој ги превезувал патниците три пати неделно до велешка болница на дијализа, знаел дека на критичното место има железнички премин. Тој не ја почитувал сообраќајната сигнализација,  имало светлосна и звучна, не сопрел на знакот стоп, туку продолжил со движењето на возилото и не го пропуштил товарниот воз. Иако имал обврска да сопре и да види дали доаѓа воз, тој продолжил со возењето. Делото го сторил во отсуство на сообраќајна свет и непочитување на сигнализацијата“ - кажа  обвинителката Цветанка Богоевска.   

При опишувањето на начинот и дејствијата  на сообраќајката, која се случи на 10-ти февруари 2020-та година во 12,10ч., во судницата беше присутна Нада, мајката на  починатиот Мартин Ѓорѓиев (23 год), која низ солзи и плач го следеше овој дел од процесот.  Во сообраќајка со тешки повреди се здобија и тројцата патници  Ацо Велков, Славе Велков и Лепа Димитрова.

„Барем да дојдеше да се извини, да изрази сочувство, жалење,  за тоа што детето ми загина во автомобилот кој тој го возеше. Но него никаде го немаше“ - рече мајката Нада.

За ова реагираа и застапниците на другите оштетени, кој кажаа дека во текот на судењето не слушнале обвиениот да се покае, изрази жалење, да покаже емпатија. Дури по овие нивни зборови, Трајковски кратко во завршен збор рече дека жали за изгубениот живот.  Неговиот бранител адвокатот Душко Петров ја изнесе одбраната, дека Трајковски е невин.

„Делото не е сторено намерно и со непочитување на сообраќајната сигнализација. На критичното место нема прегледност од десната страна,  има вегетација, не се гледал возот кој доаѓа. Возачот имал соодветна реакција   пред да се случи инцидентот и доколку не забрзал, можело сите да загинат“ - рече Петров, кој побара ослободителна пресуда.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »