речник контакт

Со измените на Кривичниот закон, застаре предметот за предавање на хотелот во Горно Врановци на Општина Чашка

Во однос на објектот од хотелот во Врановци, според одлуката на Основен суд Велес, ОЈО Велес е упатен да поведе постапка за конфискација на имот

Петар Печков

Во судскиот  случај со хотелот во Горно Врановци, судијката Габриела Гајдова го одбила обвинението поради застареност на кривичното гонење а во согласност со изменетиот Кривичен закон  на членот 353.  

Основниот суд во Велес донел  одбивателна пресуда, применувајќи поблаг закон, односно измените во Кривичниот законик кои во меѓувреме стапија на сила и врз основа на кои делото сторено во 2012 година, застаре.

Со ова дело беше обвинет тогашниот претседавач на Советот на Општина Велес, Славо Чадиев, за злоупотреба на службена должност а подоцна во кривичното дело беше опфатен и тогашниот градоначалник Горан Петров.   

Според обвинението во 2012 година  двајцата обвинети  ја искористиле својата службена положба и овластување и постапиле спротивно на Деловникот за работа на Советот и на Законот за локална самоуправа со што причиниле значителна штета на Општина Велес  во износ од 9.337.730 денари. На седница на Советот на општината, по предлог од тогашниот претседател на Советот, Славчо Чадиев  од дневниот ред била изоставена точката именувана  како „предлог -одлука за пренесување на правото на сопственост на недвижност од Општина Велес на Општина Чашка“. По извесно време, на истата седница, повторно по предлог на тогашниот претседател на Советот на општината Чадиев, точката била поставена на дневен ред по итна постапка, иако тоа е спротивно на одредбите од деловникот. Потоа тогашниот градоначалник на Општина Велес Горан Петров  донесол и потпишал заклучок за објавување на ваквата одлука и склучил договор за пренесување на правото на сопственост нотарски заверен, по што оваа недвижност е запишана како сопственост на Општина Чашка.

Во однос на објектот од  хотелот во Врановци, според одлуката на Основен суд Велес, ОЈО Велес е упатен да поведе постапка за конфискација на имот, во која сопственикот на имотот- Општина Чашка ќе и бидат дадени сите процесни гаранции. Ова е во согласност со Законот за кривична постапка и праксата на Европскиот суд за човековите права, која националните судови имаат обврска да ја применуваат во Советот постапување.  

Судењето за овој предмет  започна во декември 2020 година. Според судијката Габриела Гајдова, коjа го работеше предметот, имало одлагања на судењето во периодот на ковид пандемијата,  поради заболувања на учесниците во постапката, кога согласно напатствијата на Судскиот совет, се работеле итни предмети, притвори, мерки на претпазливост и семејно насилство.

Адвокатите на обвинетите не кажаа дали ќе барат обесштетување, но рекоа дека им следат трошоци како одбрана, за  предметите што ќе застарат и   паѓаат на товар на државата.  

Коста Нојков, бранител на екс претседавачот на Советот,  Славчо Чадиев реагира зошто  обвинителката Аделина Станинова, не го повлекла обвинението.

„Жалам што се донесоа ваквите законски измени, бидејќи сметавме дека двајцата обвинети воопшто не се виновни за кривичното дело, за кое се товареа, бидејќи со имотот на општината располага Советот на Општината и по тој однос е донесена легитимна одлука на Советот, за која не може да одговараат двајцата обвинети. Јавниот обвинител иако му беа познати измените на Кривичниот законик, не се откажа од обвинението, не го повлече поради застареност, туку одговорноста ја префали на Судот и тој да одлучи по однос на предметот а по измените на Кривичниот законик, по што беше донесена одбивателна пресуда. Во други случаи во Основен кривичен суд Скопје, обвинителите ги повлекуваат обвиненијата за застареност, што не беше случај со овој предмет во Велес“- рече Нојков.

За адвокатот Панче Тошковски, бранителот на  екс градоначалникот Горан Петров, овој процес бил политички прогон од стана на јавното обвинителство.

„Жалам што со измените на Кривичниот законик, овој предмет застаре, затоа што сум убеден дека судот на крајот од постапката а водејќи се од сите изведени докази, ќе донесеше ослободителна пресуда. Оваа постапка беше класичен политички прогон од страна на Јавното обвинителство во Велес. Без никакви докази, правна квалификација, без елементи на кривично дело, поранешниот градоначалник Горан Петров беше обвинет за злоупотреба на службена должност. Во праксата имаше два такви случаи при право на пренесување на градинка од страна на поранешниот градоначалник на Општина Струмица Зоран Заев, на општина Ново село во 2014, како и пренесување на право на сопственост од град Скопје кога градоначалник беше Петре Шилегов на Општина Ѓорче Петров на Културниот центар во 2018 година. И двата настани се во период после наводниот кривично правен настан во Велес а во тие случаи немаше сомненија за кривично дело“ - кажа Тошковски.

При увидот во случајот со преносот на Хотелот во Горно Врановци од Општина Велес, на Општина Чашка, во септември 2012 година, инспекторатот  за локална самоуправа констатираше дека „точката на дневен ред  со која објектот се подарува  е повлечена, па потоа на истата седница е   ставена како итна, што е спротивно со Деловникот на работа на општина Велес. Поради ова Државниот инспекторат за локална самоуправа констатира дека донесената одлука за подарување на Хотелот во Горно Врановци е незаконска и спротивна на законот“.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »