Петар Печков
Објавено: среда, 13 јануари 2021
Отстранувањето на згурата од депонијата близу поранешната Топилница е со мала динамика, за што се сложуваат и концесионерот „Кепс Монт груп“ и локалната власт. Засега, згурата со по четири камиони дневно, се извезува во Србија и Косово.
Инвеститорот најавува дека од март планира интензивирање на активностите, а ископувањето да се одвива во три смени. Причината зошто се работи скромно, од „Кепс Монт груп“ ја посочуваат во немањето на електрична енергија на депонијата.
Потпишавме договор со ЕВН за обезбедување на електрична енергија. Таа треба да се доведе до депонијата, трасата е во должина од еден километар. Изградбата на довод за електрична енергија до депонијата на велешката Топилница е неопходна за да се забрза ископувањето на суровината и извозот на троската. Сепарирањето на материјалот насобран во црниот рид досега се правеше со помош на генератори а нафтата е многу скапа и овој процес ја подигна цената на работата. Потребата да се транспортираат поголем број камиони со повеќе суровина, наложуваат да се обезбеди нов извор, наместо нафта да се користи електрична енергија - кажа Кирил Смилковски управител на „Кепс Монт груп“ за Македонија и потенцираше дека доведувањето на струјата е нивна инвестиција.
Отстранувањето на депонијата со згура започна на 17-ти ноември минатата година. Поради Новогодишните и Божикни празници, десетина дена не се работело, и повторно се започна со работа од, понеделникот. Во прво време згурата се извезува во двете соседни земји, Србија и Косово каде се договорени 300 илјади тони од суровината. Најмногу во изминатите месец и половина се отстранува градежен шут кој фирми и поединци со години го фрлале на депонијата. Тој се депонира на општинската депонија.
Концесионерот засега работи со мала динамика. Од досегашните ископи е утврдено дека најголемиот дел од отпадот е градежен шут. Според „Б -интегрираната дозвола“, која му ја издаде Општината, концесионерот има обврска шутот да го транспортира до локација која во општината се користи за оваа намена- изјави Билјана Шуркова Манаскова раководител на одделението за животна средина.
Депонијата во зависност од серијата на рудата која влегла за топење во Топилницата, технологијата кога е користена и искористеноста, има од 6 до 10 % цинк, олово од 2,2 до 3,4%, железен оксид 25% и тие биле економски исплатливи за експлоатација. Има и арсен и кадмиум, кои се опасни и токсични елементи, но од инвеститорот велат со скромно присуство околу 0,01 отсто и не биле слободни туку врзани со други елементи, па не претставувале опасност по здравјето на жителите на Велес.
Стручњаците и екологистите предупредуваа дека со секој ветер, дел од депонијата тешките метали преку прашината, се разнесуваат до Велес а нејзината близина до Вардар ја прави опасна, од можноста да се свлече и ја прегради реката.
Tweet |