Петар Печков
Објавено: петок, 14 октомври 2022
Со петиција дел од граѓаните во близина на зградата на стариот театар, бараат да не се дозволи изградба на деветокатница на тоа место. Бараат заштита на јавниот интерес и спречување на штетни последици, со евентуалната продажба на земјиштето за изградба на станбена зграда. Во барањето, кое е доставено до Општина Велес, се наведени четири главни причини објаснети во исто толку точки.
„Од безбедносни причини, бидејќи земјиштето на кое се наоѓа стариот театар е непогодно тло за изградба на деветокатница. Особено последните случувања со урнувањето на работничкиот универзитет ни ги зголемија стравовите за животот и имотите на оние кои што живееме во близина на оваа локација. Намалување на сончевата светлина во нашите домови како резултат на несразмерна висина на зграда од 9 ката во споредба со постојните куќи и згради до 4 ката. Нарушување на естетското и урбаното уредување на градот во согласност со традиционалната архитектура на градот. Сообраќаен метеж поради немање доволен простор за паркирање на возила особено во трите пазарни денови во неделата“- пишува во барањето, кое е потпишано од 111 лица. Како решение за истото место нудат да се изгради апр или детско игралиште.
Тие укажуваат и на случајот со станбената зграда во близина на стариот театар, чии подруми во одреден дел до годината се полнат со подземна вода, која се претпоставува дека е од реката Вардар и доаѓа со нејзиното зголемување на нивото. Велат дека исти такви ќе се јават и во темелите на зградата која се планира да се гради, со што ќе биде нарушена стабилноста. Потсетуваат дека токму такви води се јавуваат и во објектот кој се гради до срушениот Работнички универзитет.
Од локалната власт на седница ан Советот, неодамна се разговараше на оваа тема. Тогаш претставникот од општинска администрација, образложи зошто не е можна промена.
„Запазена е целокупната постапка при донесувањето на ДУП за овој дел на градот. При неговото донесување се поминати сите етапи, одржани се јавна презентација и јавна дебата и анкета, каде граѓаните кои не се задоволни од решението, можеле да поднесат приговор и забелешки. По нив, ако ги имало требало да постапи Одделението за урбанизам. Промената на ДУП е донесена 2020-та година, без никакви реакции и забелешки од засегнати граѓани во овој дел на градот. Затоа не постои причина за промена на ДУП. Веќе е донесена одлука за рушење на зградата на стариот татар а градоначалникот е тој што та одлука треба да ја почитува. Донесување нов ДУП не е предвиден во програмата за работа“ -кажа Петре Цилаков раководител на сектор од локалната власт.
Tweet |