речник контакт

Со покриениот Градски пазар, Велес ќе добие објект со кој ќе се гордее, кажа архитектот

Предвидено е да се изградат 19 дуќани на 700 м2 површина кои ќе се продаваат

Петар Печков

Со изградбата на покриениот Градски пазар, од левата страна на Велес, ќе заживее тој дел на градот  а пазарџиите ќе добијат нормални услови за работа. Ова беше кажано на вчерашната јавна расправа, организирана од Општина Велес.  

Велес ќе добие пазар во согласност со денешните современи стандарди. Велешани ќе добијат објект со кој ќе бидат горди и задоволни.  Тој не е висок и нема да биде доминантен во околината. Храната ќе биде одделена од другите производи, кои ќе бидат групирани  за  продажба, пластика,текстил, железарија, цвеќе, грнчарија. При изградбата на пазарот, градежните работи нема да влијаат на работата на околните дуќани кои ќе работат непречено. Продажниот простор каде се продаваат јајца и млечни производи  останува а од спротивната страна ќе се изгради за продажба на здрава храна и јаткасти продукти - кажа Никола Транталовски,  архитект во  Друштво за геодетски работи, трговија и услуги „ГЕО БАЛКАН” увоз – извоз ДООЕЛ, Битола.

Објектот ќе има 19 дуќани кои ќе бидат понудени на продажба на 700 м2 простор. Ќе има четири јавни чешми како и санитарии за потребите на пазарџиите и купувачите.  За потребите на продавачите предвидени се девет влеза, пристапи преку кои со комбе ќе може да се дојде до тезгите и растовари роба. Предвиден е и паркинг во внатрешноста, додека за купувачите на располагање се двата соседни паркинзи каде тие ќе можат да ги остават возилата.

Едниот е паркинг простор близу реката Вардар а вториот е пред ОУ Панко Брашнар. Според архитектот Транталовски на располагање се 330 паркинг места. Одговарајќи на прашање од присутните, зошто не се изгради подземна гаража, под Пазарот одговорот на архитектот беше дека тоа е невозможно.

Под пазарот мине канализациона цевка Ф-1000 и таа е многу тешко да се отстрани. Потоа своевремено има фрлано на овој простор многу градежен шут што создава проблеми со земјиштето.   Постојат решенија кои се многу скапи - објасни Транталовски.

Во однос на финансискиот дел зборуваше градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, кој го објасни патот за задолжувањето, кое се предвидува,за д а се изгради покриениот Градски пазар.

Владата при крајот на 2019-та издвои 40 милиони денари. Тие стојат на посебна сметка и со нив започнуваме да го градиме првиот, горниот дел од пазарот. Веќе е распиша јавен повик за изведувач, со строги критериуми, со цел да се изгради за три до четири месеци.  За тоа време долниот дел од пазарот ќе работи непречено. Во меѓувреме треба да ги истераме сите постапки за добивање на кредит до Светска банка, Општина Велес да се задолжи со 46 милиони, со кои средства ќе се гради долниот дел. Како резерва, ако има потреба  преку Вардарски Плански регион, обезбедени се уште 15 милиони од Бирото за недоволно развиени подрачја - рече Коцевски.    

Покриениот дел од пазарот опфаќа површина од 3,4 илјади м2. Од продажбата на 19-те, дуќани, добиените средства ќе се наменат за други инвестиции во градот.   Коцевски повтори дека градот е финансиски способен да  се задолжи во висина од 46 милиони денари, оти постојниот креди има за отплата уште три рати во вкупна вредност од 12,44 милиони денари.

Задолжувањето е со многу поволни услови, со рок на отплата од 13 години од кои три  години грејс период и со каматна стапка од 0% односно минимална од 0,7 до 1 % на годишно ниво, но не повеќе од таа нa Република Македонија. Ќе добиеме и 27% грант од Светска банка како награда ако успееме квалитетно да го реализираме проектот. Тоа се средства  од околу  12,4 милиони денари кои ќе ги вложиме во инфраструктурата во градот -дополни  Коцевски.

Одлуката за задолжување треба да ја донесе Советот на Општина Велес, да ја одобри Светска Банка а да ја потпише министерот  за финансии. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »