Петар Печков
Објавено: вторник, 13 август 2013
По многубројните поплаки на граѓаните за малиот број автобуси, кои во ударните термини сообраќаат од соседните градови на Скопје кон метрополата, велешкиот пратеник Илија Димовски поднесе предлог за измени во Законот за патниот сообраќај, кои веќе се во собраниска процедура.
Според предложените измени, ќе се скрати дозволената минимална временска разлика меѓу поаѓањата на автобусите што сообраќаат на меѓуградски линии. Сегашната законска регулатива предвидува автобусите за дестинациите оддалечени од нула до 40 километри да поаѓаат со разлика од најмалку 20 минути, а за растојанија од 41 до 80 километри минималната разлика е 40 минути. Со предложените измени временската разлика меѓу две поаѓања ќе се скрати на 10, односно на 20 минути.
Додека се чека решение на проблемот, кој се појави поради малиот капацитет на превозници, патниците што од соседните градови патуваат кон Скопје мака мачат да стасаат навреме. Проблемот е особено изразен на велешката автобуска станица каде што ниту летните одмори ниту горештините не го намалија метежот. Секој работен ден од 6 до 8 часот во утринскиот шпиц патниците чекаат во редици за да се качат во автобус и да заминат на работа во Скопје. Некои доаѓаат и со часови порано само за да фатат место.
Kолку порано дојдеш толку се поголеми шансите да најдеш слободно место. На овие горештини не е ни малку лесно да се стои еден час на нозе во преполн автобус за да се стигне навреме на работа. Работодавците повеќе не ги прифаќаат нашите оправдувања дека има метеж на автобуската во Велес. Најавите дека со летото турканиците ќе се намалат поради распустот на студените и на учениците, во практиката се покажаа дека не се точни - вели велешанката Васе Стефанова, која работи во Скопје.
На мака се и граѓаните што имаат договорени лекарски прегледи во Скопје. Честопати се случува воопшто да не можат да заминат бидејќи во автобусите нема слободно место поради што им пропаѓаат прегледите.
Време е да се реши овој проблем оти за дваесетина дена турканиците ќе бидат поголеми. Од септември пак ќе патуваат учениците и студентите и тогаш ќе биде речиси невозможно да се стигне до Скопје - вели велешанката Снежана Стојчевска, која со години работи во главниот град.
Во образложението на предложените законски измени се посочува дека тие се носат за да се реши проблемот со патување на жителите на Велес, Kуманово и Тетово, кои работат во Скопје. Таму се напомнува дека овие патниците во периодот од 6 до 8 наутро и од 15.30 до 17.30 часот попладне прават голем метеж на автобуските станици бидејќи редовните превозници немаат капацитет да ги превезат сите.
Со предложеното дополнување на Законот ќе се зголеми бројот на возни редови за нови линии, со што ќе се излезе во пресрет на сите патници за подобар и поквалитетен превоз. Со тоа ќе се спречи и вршењето таканаречен див превоз од овие градови кон Скопје, што се случува поради недостиг на капацитет од постојните редовни превозници - пишува во предлог-законот.
Измените во законската регулатива ги поддржуваат и автобуските превозници.
Ако законот биде донесен наскоро, ќе се избегнат есенските турканици на автобуските станици. Верувајте, и нам ни е тешко да имаме преполни автобуси, но тоа го правиме за да им излеземе во пресрет на патниците за да може навреме да стигнат на работа. Притоа се соочуваме со казни бидејќи возиме патници што стојат. Предложените измени даваат можност домашните превозници од Велес, Тетово и од Kуманово да конкурираат и да добијат автобуска линија со место на тргнување од сопствениот град за што имаат приоритет. Така наједноставно ќе се реши проблемот - велат превозниците.
Tweet |