речник контакт

Со странски пари, половина милион долари се конзервира Теодосијанската палата во Стоби

Министерството за култура годинава ќе вложи 10 милиони денари за проекти во Стоби. Во посета на локалитетот беа претставници на странските фондации и министерот за култура Љутков

Петар Печков

Претставници на Каплан фондацијата од САД и Американскиот институт за римска култура, со седиште во Рим-Италија, беа во посета на археолошкиот локалитет  Стоби. Тие изминатите години ја финансираат конзервацијата на Теодосијанската палата.   Џ. М. Каплан од САД co фонд од 400.000 долари и Американскиот институт за римска култура со 100.000 долари.  

„Изборот на Стоби е поради атрактивноста на локалитетот но и добрата соработка со вработените  стручни лица во институцијата. Во Медитеранот, на културната сфера каде локалитетот Стоби припаѓа,  е многу ретко ова што тука го има и гледаме“ – кажа Вил Вејнолдс од Каплан фондацијата чие седиште е во Њујорк.

Американскиот институт за римска култура во најголем дел е финансиран од Елон Маск. Дел од тие средства завршуваат и во Стоби. 

„Тој е голем љубител на археологијата и се надеваме дека таа негова страст ќе можеме да ја искористиме  и за други проекти тука“ – рече Даријус Ара, директор на Американскиот институт за римска култура. 

Освен овие две странски фондации  на локалитетот Стоби десетина години присутна е и Фондација Балканско наследство од Софија Бугарија. Таа учествува со организирање на меѓународни школи на кои се присутни десетици археолози од светот, кој тука добиваат преку лето, практична настава.  

Странските фондации кои работат во Стоби  имаа средба и со министерот за култура Зоран Љутков.  Тој  потсети дека  годинава преку годишната програма за за култура ,  обезбедени се  10 милиони денари за реализација на повеќе проекти- археолошки истражувања, конзервација, музејски активности и опремување лабораторија.

„Стоби останува наш приоритет, за да биде гордост за сегашните и идните генерации.  Заедно со меѓународните партнери продолжуваме посветено да работиме на зачувување на локалитетот  и современа презентација на ова исклучително културно наследство, но и подобра  негова туристичка презентација “ – кажа министерот Љутков.  

Директорката на НУ „Стоби“, Силвана Блажевска  вели дека работат на зголемување на бројот на посетители. 

„Потребно е повеќе да се вложи во условите кои секој турист ги бара. Тие сакаат да дојдат да го посетат локалитетот, да ги видат градбите, но и сакаат да здивнат, да одморат,  седнат и се напијат кафе сок. А во лето температурите тука не се баш пријатни“ – кажа Блажевска. 

Институцијата од почетокот на годинава започна со кампањата „Дали ќе не посетиш годинава“ за да  го подигне  интересот на домашните посетители. Се работи и на завршување на старата железничка станица Стоби во  модерен Центар за посетители. Таму треба да бидат изложени дел од артефактите на локалитетот, кој сега се во депо и не се достапни за гостите.

18 Април (сабота) е Меѓународниот ден на спомениците и локалитетит поради што  влезот во Стоби е бесплатен за сите посетители. 

АНКЕТА »

Дали на Велес му се потребни камерите за „безбеден град“?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »