речник контакт

Со што имот располагаат дел од локалните функционери

Пратениците Димовски и Иванов, градоначалникот Чадиев, директорите на ЈВП Лисиче, СРЦ “Парк Спорт“ театар, Центар за Јавно здравје и Здравствен дом

Петар Печков

Откако минатата  седмица вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, согласно обврската го обелодени својот имот, истата таа обврска ја имаа и новите пратеници во републичкото собрание.  

Илија Димовски кој во пратеничкото столче е од 2006-та до Државната комисија за спречување на корупција пријавил  како негов личен имот, две парцели од 624 и 659 м2 во катастарска парцела Башино село, вредни  818 илјади денари,  автомобил мерцедес вреден  950 илјади денари, акции во вредност од 75 илјади денари, како и  штеден  влог  и камата за кој не дал податоци. Останатото, куќа, стан, земја,  е имот на неговите родители и сестра.  

Панче Иванов како личен имот пријавил куќа  во село Голозинци од 108 м2 вредна 1,4 милиони денари, земјоделско земјиште, лозје од 13 декари -  наследство- вредни 600 илјади денари,   три автомобили марка ,,голф,, 390 илјади денари, штедни влогови од 250 илјади денари, побарување од 224 илјади денари.  Има  пријавено и сопственост на неговите родители и сопруга. 

Градоначалникот Славчо Чадиев пријавил куќа од 132 м2 наследство вредна 3 милиони денари,  купен стан од 49 м2   вреден 1,7 милиони денари, два мотори вредни 1,5 илјади евра, уметнички слики и колекции вредни 600 илјади денари, како и кредитни картички од 210 илјади денари  и кредити 1,1 милион денари . Заеднички имот со сопругата стан во Скопје од  46 м2, вреден 2,7 милиони денари стекната со купопродажба. Имот на сопругата е автомобил марка пежо, вреден 300 илјади денари.

Во овој преглед и имот на двајца директори. На ЈВП Лисиче Бобан Пановски  пријавил како сопствен имот  денарска штедна книшка од 57 илјади денари и 400 илјади денари приходи од продажба на патничко возило. Останатото е се сопственост на неговите родители и брат.  

Александар Табаков директор на ЈП  за стопанисување со спортски објекти “Парк Спорт“ како сопствен имот пријавил купен  автомобил пежо вреден 98 илјади денари и  заеднички имот стан од 61 м2 стекнат со купување вреден 1,9 милиони денари. Останатото е имот сопственост на родителите.     

Директорот на велешки театар Ордан  Витанов во имотниот лист пријавил  личен имот стан од 45 м2 стекнат со купопродажба вреден  1,2 милиони денари, од наследство стан од  75 м2 вреден 1,25 милиони денари, земјиште од 2,5 декари вредно 200 илјади денари и кредит од 600 илјади денари. 

Директорката на ЈЗУ Здравствен  дом Велес, Татјана Самаракова пријавила  купена куќа  од  282  м2 од  3 милиони денари, деловен простор од 39 м2 вреден 2 милиони денари, наследено земјиште од 1 декар вредно   300 илјади денари,  рента од 9 илјади денари,  девизи 1,4 илјади евра, кредит од 288 илјади денари. Има пријавено  и  имот на сопругот.


Флорентина Шурбевска Ристовска, директорка на  ЈЗУ Центар за јавно здравје  Велес пријавила    како личен имот куќа  од 160 м2 вредна 40 илјади евра, но не прикажала како дошла до неа,   земјоделско земјиште во Македонки брод од 15 декари вредно 15 илјади евра, стекнато со наследство. Прикажала имот сопственост на сопругот.  Во имотниот лист има  и машини –здравствена опрема,  уметнички и колекционерски вредности,  акции од 100 евра, автомобил пежо  партнер од 10 илјади евра  но не дала информација од каде потекнуваат, купени, наследени, сопственост на член на семејство. 

Во пребарувањето на веб страницата на  Државна комисија за спречување корупција,  нема податоци за директорот на ЈКП Дервен Фиданчо Цековски, директорот на ЈЗУ Општа Болница Велес - д-р Атанас Василев, директорот на ЈЗУ Болница Јасеново Гоце Бузалков.

Прикажаните податоци во електронска форма се превземени од Анкетните листови на избраните и именуваните функционери во Република Македонија. Податоците се менуваат кога функционерите доставуваат Анкетен лист “По стапување на функција“ и “При промена на имотната состојба“ е забележано на веб страницата на Државна комисија за спречување корупција .

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »