речник контакт

Собор на св. арх. Гаврил 8 април

Празник на големиот Господов гласник. Именден празнуваат: Гаврил, Габриела.

Петар Печков



Тој е еден од големите седум ангели што претстојат пред престолот Божји. Му го јави на Захарија раѓањето на Свети Јован Предвесник и самиот за себе рече: "Јас сум Гаврил кој стојам пред Бога". Неговото име Гаврил значи маж Бог. Зборувајќи за Благовештение Светите отци толкуваат дека е испратен архангел со такво име што ќе означи кој и каков ќе биде оној што ќе се роди од Пречистата Дева. Некои дознаа дека истиот тој Гаврил им го јави на Јоаким и Ана раѓањето на Дева Марија и дека тој го поучуваше Мојсеј во пустината како да ја напише книгата Битие. Светите отци мислат дека Гаврил му принадлежи на првиот и највисок чин на небесните сили, на серафимскиот, зашто серафимите стојат поблиску до Бога. Тој е значи еден од седумте серафими најблиски до Бога.



Светиот Архангел Гаврил е благовесник на зачнувањето на  нашиот Бог Исус Христос, Синот Божји. Неговиот спомен Светата православна црква го празнува следниот ден по Благовештение на Пресвета Богородица, односно на 8 април според новиот  календар. Празникот е наречен собор бидејќи тогаш во храмовите  се собираат оние што веруваат во него. Заедно со Архангел Михаил тој е најпознатиот меѓу анѓелите, оној што соопштил повеќе вести поради што е познат како гласоносец или како вестител.

Освен што на Богородица и се јавил во Назарет и и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот Исус Христос (Свето Благовештение), тој е познат и со повеќе други јавувања како во Стариот така и во Новиот Завет. На Захарија му се јавил и му соопштил дека ќе му се роди син што ќе се вика Јован (Св. Јован Крстител), а поради тоа што овој не поверувал го казнил со одземање на гласот до раѓањето на синот.

На Богородица и се јавил и и го соопштил денот и часот не нејзиното Успение,  на пророкот Данило му се јавил и му  соопштил за доаѓањето на Спасителот, на Мојсеј му се јавувал повеќепати додека овој го чувал стадото на Јатор, му соопштил многу важни работи меѓу кои и за постанокот на светот што овој ги запишал во Прва книга Мојсеева (Битие) застапена на почетокот од Стариот завет на Светото Писмо. Им се јавил и на св. Јоаким и Ана и им соопштил дека ќе им се роди ќерка Дева Марија што ќе се прослави со тоа што ќе го роди Спасителот, на Пресвета Дева Марија освен тоа што и се јавил кога и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Сопасителот и се јавувал и друг пат и тоа повеќепати, додека оваа престојувала во храмот во Ерусалим, му се јавувал на праведниот Јосиф, на овчарите што ги паселе своите стада на ридовите околу Витлеем кога при раѓањето на Исус силна светлина ги исплашила,  му се јавувал и на самиот Господ Исус Христос кога го бодрел при страдањата, им се јавил на жените мироносници утрото по Воскресението кога го посетиле Господовиот гроб итн.



Гаврил значи „сила Божја”, поради што и неговото јавување на Благовештението има и симболично значење, укажува на силата на тој што ќе се роди од Пресвета Дева Марија, дека тој ќе биде силен, семоќен, односно дека тој ќе биде Бог Спасител.

Архангел Гаврил, заедно со Архангел Михаил го имаат чинот на серафимите, а серафимите имаат највисок ангелски чин поради што стоеле најблиску до Бога. Кога му се јавил на Захарија му рекол: „Јас сум Гаврил кој стои пред Бога...”  Значи Гаврил е еден од седумте најблиски до Господа серафими чии имиња се:  Михаил, Гаврил, Рафаил, Урил, Селатил, Ехудил, Варахил. Некои кон овие го додаваат и Јеремил. Сите имаат иста чест или исто ниво на значење, но имаат различни служби.

На иконата Светиот Архангел Гаврил е претставен или со крин при Благовештението на Пресвета Богородица, или со рајска гранка при Успението на Пресвета Богородица.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »