Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 февруари 2026
Советот на Општина Велес донесе нов Статут. Со него појасно се уредуваат правата и обврските на Советот и градоначалникот, подобрување на учеството на граѓаните во локалната самоуправа, унапредување на правната сигурност, законито работење на локалната власт. Беше донесен со 19 гласа за и три воздржани.
„Постојниот Статут е донесен 2006 година, пред 20 години, се јавуваа потреба од усогласување со важечките законски прописи и измените во законодавството во областа на надлежностите на локалната самоуправа“ – кажа Магдалена Спасева раководител на правната служба на Општина Велес.
„Овој документ е правен темел на функционирањето на општината. Досегашниот Статут е донесен пред две децении и правната рамка на функционирањето на општината е повеќе пати променета. Да не оставиме простор тој да создава правна несигурност. Со новиот Статут не се проширува ничија моќ, не се одземаат надлежностите, не се создаваат нови овластувања. Со овој Статут се врши појаснување на постапката, проширување и прецизирање на формулациите, како и отстранување на двосмислености кои во пракса создаваат проблеми. По овој Статут нема да се води само овој состав, ова мнозинство, туку и секоја идна власт, иден состав. Се унапредува транспарентноста, учеството на јавноста и граѓаните. Постојниот е извор на нестабилност и незаконски одлуки“ – рече Александар Илиевски член на Советот од ПОДЕМ.
Неколку одлуки од новиот Статут, кои се одамна важечки.
Грбот е во форма на штит во кој централно е поставен Градскиот саат, во подножјето е поставен запчаник, над него водите на реката Вардар, лево и десно од Саатот е амфитеатралната поставеност на градот и во горниот дел е името Велес.
Знамето е двобојно, по хоризонтала еднакво поделено на темносина боја во долната површина и црвена боја во горната површина. Во централниот дел е поставен грбот на Општина Велес во златеста боја.
Свечена песна-химна е преработка на народната песна “Болен ми лежи Миле Поп- Јорданов”, во оркестарска, хорска и инструментална изведба.
Заштитен знак е афионска чушка изработена во стилизирана форма.
За маскота на Општина Велес се утврдува стилизиран цртеж на видра.
Општината има свој празник, тоа е „9-ти Ноември”.
Беше донесен и нов предлог на Деловник. Значајна новина е што се воведува ограничување на бројот на поставени прашање и траењето на поставеното/поставените прашање. Ова е по теркот на пратеничките прашање во републичкото собрание.
Членот на Совет на една седница може да постави најмногу три прашања. Поставувањето на советнички прашања не може да трае подолго од 10 минути. Одговор на едно поставеното советничко прашање не може да трае подолго од 5 минути.
На ова реагираше Јованче Манасков од СДСМ, кој смета дека ова е ограничување кое ќе го почувствуваат граѓаните, бидејќи прашањата кои советниците ги поставуваат на седница биле од граѓаните.
„Досегашната пракса покажа дека прашањата се приказна без почеток и крај, со долга непрецизна формулација. Секој од вас може во секое време да го постави прашањето од граѓаните и да добие одговор, не мора тоа да биде на седница“ – кажа Спасева.
Предлогот на Манасков да нема ограничување на бројот на поставени прашања од еден советник, не мина на гласање.
Беше кажано дека сите забелешки ќе бидат земени во предвид во донесувањето на новиот Деловник.
| Tweet |




