Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 јуни 2017
Теоријата дека современите луѓе еволуирале во една „колевка на човештвото“ во источна Африка пред околу 200.000 години не е точна. Ова го покажа најновото истражување.
Фосили на пет луѓе пронајдени во Северна Африка покажуваат дека Хомо сапиенс настанал 100.000 години порано отколку што претходно се мислело. Тоа укажува дека нашиот вид бил развиен ширум африканскиот континент, а не на едно место, изјавија истражувачите кои учествувале во истражувањето.
Професорот Жан-Жак Хаблин, од Институтот Макс Планк за еволуциска антропологија во Лајпциг, Германија изјави дека ова откритие ќе се најде во учебниците по историја за нашата појава како вид.
„Ова не е приказна за настанувањето на модерниот човек како нешто што се случило брзо во „Рајската градина“ некаде во Африка. Нашето видување е став дека тоа бил постепен развој низ целиот континент“, вели Хаблин.
На конференцијата за новинари на францускиот колеџ во Париз, професорот Хаблин на новинарите им покажа фосилни остатоци кои неговиот тим ги ископал на локацијата Јебел Ирхоуд во Мароко. Примероците вклучуваат череп, заби и долги коски.
Претходните фосили пронајдени на истото место во 1960 година биле проценети на возраст од пред 40.000 години и се сметаат дека потекнуваат од африканската форма на неандерталци, блиски на еволутивниот роднина на Хомо сапиенс.
Но професорот Хаблин го мачело толкувањето и датирањето на овие сознанија, па тој започнал да го проучува локалитетот Јебел Ирхоуд. Сега, повеќе од 10 години подоцна, тој ги претстави новите докази кои „раскажуваат сосема различна приказна“.
Со високо технолошки методи, откриено е дека најновите наоди датираат од период од пред 300.000 до 350.000 години. Но, формата на черепот е речиси идентична со онаа на современите луѓе. Неколку значајни разлики кои можат да се забележат се малку поистакнати веѓи и помал мал мозок.
Со понатамошните истражувања, професорот Хабли дополнително открил дека древните луѓе користеле камено оружје и научиле како да раководат со огнот со што не само што изгледале како Хомо сапиенс туку и се однесувале како нив.
Професорот Крис Стрингер од Природниот музеј во Лондон ја отвора можноста дека Хомо сапиенси постоеле и надвор од Африка во исто време.
„Имаме фосили од Израел кои веројатно се од истата година и покажуваат дека можат да се опишат како прототип на Хомо сапиенс“, вели Стрингер.
Tweet |