Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 јануари 2014
Неколку дена по отворениот ден, кога велешките сопственици на социјални станови побараа информација како и кога ќе можат да си ги купат, истата стигна од надлежниот министер за транспорт и врски.
Лицата кои живеат во станови доделени од државата врз основ на ниски приходи, од денес , понеделник, можат да поднесуваат барање да ги откупат под поволни услови. Оние кои нема да ги откупат, ќе плаќаат закупнина. Становите можат да се купат во готово или со уплата на 30% од проценетата вредност на станот, а останатите средства да се исплатат на 240 рати- 20 години.
Оние кои нема да ги откупат, ќе плаќаат закупнина и тоа пониска или социјална доколу спаѓаат во ранливи категории граѓани, и комерцијална доколку не се во овие категории. Средствата од продажбата ќе се користат за изградба на нови станбени единици со кои државата ќе го реши прашањето за домување на други категории граѓани.
Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, оваа одлука Владата ја донела во консултација со Банката за развој при Советот на Европа, со која е првично реализиран проектот за изградба на станови кои ќе се издаваат на лица со ниски приходи. Одлуката е донесена поради големиот интерес на граѓаните за откуп на овие станови.
Лицата корисници на овие станови можат да поднесат барање за купување на станот до Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, по истекот на закупничкиот период кој не може да биде пократок од пет години. Барателот треба да е македонски државјанин, да нема долг по основ на закупнина, а тој, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да немаат стан, куќа или куќа за одмор или деловен простор во нивна сопственост или да не се корисници на друг стан или деловен простор во државна сопственост на територијата на Македонија, појасни министерот Јанакиески.
Додаде дека услов за откуп на ваков стан е и лицето, неговиот брачен другар и членовите на неговото заедничко домаќинство да не примаат поголем доход од 100% просечна плата во Македонија, калкулирано по коефициенти.
За возрасно лице барател коефициентот е 1, за секој друг возрасен 0,5, малолетно лице 0,3. Тоа значи за семејство со две деца коефициентот изнесува 2,1 и тој се множи со просечната плата. Приходот во семејството не треба да биде над износот добиен со ваква пресметка. Исто така, ратата не смее да изнесува повеќе од 30% од вкупните примања во заедничкото домаќинство, рече министерот за транспорт и врски.
Цената на становите ќе се утврдува врз основа на Уредбата за методологијата за утврдување на вредноста на станот, како и методологијата за утврдување на висината на закупнината, донесена од страна на Владата.
Таа ќе варира во зависност од градот, локацијата, местоположбата и ќе се движи во рамките од 400 до 700 евра за метар квадратен.
Становите ќе можат да се купат во готово или со уплата на 30% од проценетата вредност на станот, а останатите средства да се исплатат на 240 рати.
Лицата кои не ги исполнуваат условите за откуп на овие станови ќе продолжат да ги користат со плаќање на закупнина, чија цена зависи од висината на вкупните приходи на семејството кое живее во станот, односно доколку имаат пониски приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат социјална закупнина од 15-20 денари по метар квадратен или пак доколку имаат повисоки приходи од наведените во критериумите ќе плаќаат закупнина од 60-85 денари по метар квадратен, во зависност од локацијата на станот, рече Јанакиески.
Додаде дека реализацијата на овие активности, не само што ќе овозможи излегување во пресрет на голем број семејства кои не можеа да ги откупат становите во кои живеат веќе подолг временски период, туку и ќе овозможи реализација на нови проекти со кои ќе се решава домувањето на лицата кои се во социјален ризик и го немаат решено ова животно прашање. Во Велес има 136 социјални станови.
Tweet |