Петар Печков
Објавено: вторник, 28 март 2017
Советот на Општина Велес, едногласно одлучи социјално ранливите семејства од општината да не плаќаат сметки за вода. Ова се донесува за количини до 20 кубни метри вода, секоја сметка над ова ќе се наплатува. Стручните служби пресметале дека, секое лице троши по 5 кубика а просечно една фамилија има четири члена, па така до оваа количина од 20 м3 семејствата се ослободени. Ослободени се и од плаќање на гробно место и за надомест за собирање на ѓубре.
Барањето за ослободување од плаќање на сметките за вода и комуналии се доставува до ЈКП ”Дервен” Велес. Статусот „социјално загрозено семејство” се потврдува со Решение за остварување на социјална помош издадено од Центарот за социјални работи - Велес. Потврдата овие семејства ќе треба секој месец да ја поднесуваат до ЈКП Дервен. Ослободувањето од плаќање на сметките за вода и комуналии е ограничено во висина од 20 тони потрошена вода месечно за секое социјално загрозено семејство, кои има поднесено барање – објаснуваат од локалната самоуправа.
Според најавите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со оваа одлука треба да бидат опфатени илјада семејства. Ако просечната сметка заедно со комуналии изнесува околу илјада денари, тогаш ЈКП Дервен месечно ќе прибира помалку еден милион денари. Градоначалникот, кој ја предложи оваа точка објаснува дека овие пари секако не стигнувале до сметката на дервенци.
Сите овие семејства поради не плаќање на сметки се утужени. Така што со оваа одлука ќе го олесниме работењето и на едните и на другите. Имав многу барање на лица од социјално загрозени семејства за отпис на долгови, и нивно неплаќање на сметките, така што ова е излез од таа ситуација – изјави градоначалникот Чадиев.
Со ова Одлука се ослободуваат од плаќање на сметките за вода и комуналии Социјално загрозените семејства, врз основа на поднесено барање за период на задолжување од 01.04.2017 година до 31.03.2019 година.
Tweet |