Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 јули 2021
Капачката сезона на езеро Младост се отвори, но и годинава ја нема спасителната служба. Таму со години дежураа спасителите од Здружение за безбедност на вода и планина „Македонски спасител” од Велес.
Но мината година се повлекоа, велат поради короната иако им беше срушена спасителната кула, на која преку викенд дежураа. Годинава добија и проект од локалната власт, во висина од 50 илјади денари за реализација на дежурствата, откако минатата година побараа и надомест.
„Како ќе дежураме, кога нема спасителна кула, таа е оштетена веќе година и половина и неупотреблива. Повеќе пати изминатите месеци реагиравме до локалната власт, но засега нема решение: А треба да го реализираме договорот со Општина Велес, за дежурства“ кажа Ангел Пановски претседател на Здружението „Македонски спасител“.
Од Општина Велес на поставеното прашање, кога ќе се санира спасителната кула, одговорноста ја префрлија кај ЈКП Дервен.
„Што се однесува до спасителната кула, Ве упатувам да се обратите во ЈКП „Дервен“ затоа што тие се надлежни да ја обноват срушената кула. Од страна на Општина Велес во повеќе наврати им е укажано да ја направат кулата“ - соопштија од локалната власт.
Минатата година, откако немаше спасителна случај, после десетина години, беше регистриран случај на давеник. Саботата на Петровден, 28 годишно момче се удави, пред очите на неговиот татко.
Tweet |