речник контакт

Спомен плоча за Петкович во Риека

Во Риека, Република Хрватска, ќе се постави спомен плоча посветена на Андреја Петкович, македонски преродбеник, поет и преведувач. Оваа новина доаѓа по последните истражувања во хрватските архиви, со кои се фрла ново светло во работата и животот на помладиот брат, роден велешанец.

Петар Печков

Во Риека, Република Хрватска, ќе се постави спомен плоча посветена на Андреја Петкович, македонски преродбеник, поет и преведувач. Тој како руски дипломат работел во Риека, од досега познатото две години, но последните податоци откриваат дека тоа било подолго, две децении. Спомен плочата ќе биде поставена на куќата во центарот на Риека, каде работел Петкович. Оваа новина доаѓа по последните истражувања во хрватските архиви, со кои се фрла ново светло во работата и животот на помладиот брат, роден велешанец.

Беше коментирано дека младиот и учен Македонец со поетски склоности, најверојатно не можел да одговори на поставените задачи од руската дипломатија, па или сам си заминал или Русите го повлекле Од неодамна, новите архивски истражувања, понудија и аргументираа други факти. Андреја Петкович бил извонредно успешен дипломат и тој на функцијата дипломат минал 21 година. Во Риека дошол при крајот на 1873 година и бил конзул за Хрватска и Славонија. На оваа функција останал до 1893 година. Во овој период бил мошне успешен, почитуван дипломат, одликуван и од рускиот и од австро-унгарскиот цар – вели д-р Васил Тоциновски.

Тој заедно со Ирвин Лукежиќ, професор на Филозофскиот факултет во Риека, ги истражувале италијанските извори во Државниот архив во овој хрватски град, по што дошле до овие  нови податоци. Токму поради ова есенва Риека и Велес ќе му оддадат почит на Андреја Петкович, со поставување на спомен плоча на куќата во која тој  работел и живеел.

Оваа иницијатива е поведена од  универзитетскиот професор д-р Горан Калоѓера, почесен конзул на Македонија во Риека и добитник на Почесното Рациново признание за афирмација на македонската култура во странство. Иницијативата ја прифатиле и двајцата градоначалници, на Риека   Војко Обрснел и на Велес Горан Петров.

Ова е добра можност да му се оддаде признание на еден до браќата Петкович, роден велешанец, за кој малку е познато во македонската јавност. Но и да се потврдат одличните културни врски меѓу Македонија и Хрватска,  бидејќи повеќе македонски автори на крајот од 19-тиот и почетокот на 20-тиот век  твореле на тлото на Хрватска – вели Петров.  

Вистинска реткост е да се најдат биографски податоци за Андреја Петкович, за кој се знае дека е роден во 1837 во Башино Село а умрел 1897 година во Санкт Петерсбург.  Бил студент во Одеса, од каде заминува во Петроград, каде по завршувањето на студиите станува професионален дипломат, исто како и неговиот постар брат Константин Петкович. 

Иако живеел во Русија пишувал песни на македонски јазик а најзначајна е неговата ,,Глас од далека земја,,. Прв ги преведува и басните на Крилов од руски на македонски. Андреја Петкович е од редот на тогашните македонски просветители: Јордан Хаџи Константинов Џинот, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Марко Цепенков, браќата Миладиновци. Неговиот постар брат Константин исто така бил професионален дипломат и тој бил 15 години руски конзул, но во Дубровник.
 
Во Риека, каде живееле и работел Андреја Петкович,  се наоѓа најголемиот македонистички центар во светот. Тој работи во рамките на Лекторатот по македонски јазик и литература при Филозофскиот факултет од Универзитетот во Риека од 2008-тата година. Изминатите три години откако тој постои, се запишале 1039 студенти. Негов раководител е професор Васил Тоциновски. Во Риека се наоѓа и најголемото македонско друштво во Хрватска, кое годинава слави 20 години постоење. Тоа е Културното друштво ,,Илинден,,  чиј претседател е Илија Христодулов.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »